Засега без договор за нова влада на Италија

Никола Ѕигарети (д) и Луиџи Ди Мајо/ АNSA/RICCARDO ANTIMIANI

Италијанското антиестаблишмент Движење пет ѕвезди (М5Ѕ) и левичарската Демократска партија (PD) не успеваат да дојдат до договор за составот и водството на новата влада, а рокот за постигнување договор со кој би се избегнале предвремените парламентарни избори есенва, на кои изгледен победник би била десната партија Лига, е се поблизок.

Двете партии во петокот ги започнаа преговорите за наоѓање заедничка одлука за формирање нова влада, откако владејачката коалиција на Движењето пет ѕвезди и Лига се распадна пред две седмици, поради што премиерот Џузепе Конте поднесе оставка.

Меѓутоа, преговорите меѓу М5Ѕ и PD бавно напредуваат поради несогласувањата околу новиот премиер, а италијанскиот претседател Серџо Матарела сака да види сигнали за напредување пред почетокот на новиот круг од консултациите со сите партии во вторникот. Без договор за формирање нова коалиција, лево ориентираниот Матарела без многу волја, веројатно, ќе именува привремена влада која технички ќе ја води земјата до новите избори.

Движењето пет ѕвезди во неделата, додека лидерите на Демократската партија се состанаа во Рим за да ја утврдат својата програма, го повтори своето барање Џузепе Конте повторно да биде премиер, што предизвика критики од PD кои за тоа место го предложија пратеникот на М5Ѕ, Роберто Фико. Извор близок на PD рекол дека партијата е фрустрирна од „константните ултиматуми“ од М5Ѕ.

На прес-конференцијата подоцна во неделата, лидерот на PD, Никола Ѕингарети, рече дека секоја партија којашто сака да се оддалечи од минатото, мора да го промени своето водство. Притоа конкретно не го спомена Конте.

„Ќе сториме сѐ што можеме да најдеме позитивно решение коешто во моментов не е на повидок“, рече Ѕингарети повикувајќи го М5Ѕ на средба во понеделник за да разговараат за заедничките политики.

Во соопштението за медиумите објавено речиси истовремено, М5Ѕ порача дека решението за постигнување договор е во именувањето на Конте за премиер, како и во прифаќањето на некои од нивните главни политики, вклучително и за намалувањето на бројот на пратеници во италијанскиот парламент, за што инаку подготвеност искажуваат и Демократската партија и Лига