Засега нема потреба од полициски час, смета Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5, рече дека постојните мерки против ковид-19 се добро димензионирани и дека лекарите и сестрите се борат за секој човечки живот.

– Различни земји во Европа имаат различни мерки, но се затвораат неесенцијалните бизниси и објекти. Капацитетот на болниците е најважен параметар за тоа, дали ќе воведеме други, поригорозни рестрикции. Засега отвораме нови капацитети во здравствените установи, ослободуваме се повеќе кревети, нема да дозволиме да нема болнички кревет, но нашиот здравстен систен е под голем притисок и во таа смила се сите овие рестрикции кои што се на сила. Ако се затворат угостителските објекти во 21 часот, како што предложи Комисијата за заразни болести, ако луѓето се прибираат дома порано затоа што ќе нема каде да одат, ако ги почитуваат мерките, тогаш и бројките ќе се намалат. Значи, во овој момент, од форма на карантин како полициски час, сметаме дека нема потреба – рече Филипче.

Во врска со големиот број мртви од коронавирус, вклучувајќи ја и денешната бројка – 21 починати, министерот се согласува дека навистина има сериозен процент со смртен исход.

– Главно, причина за смртниот исход најчесто е што заболените доцна доаѓаат во болница, но тешко е да се каже која е причината што доцна се јавуваат во болница. Дел од нив се уште не веруваат дека постои вирусот. Сепак, и покрај големите бројки, ние останува на тоа – да ги заведуваме како починати од ковид-19 и оние кои имале претходна друга сериозна болест – рече Филипче.

Тој вели дека било очекуван овој бран и процент на позитивни, но, истакна министерот, со почитување на нивите мерки прогнозите се дека за неколку недели, односно за еден месец, бројките ќе се намалат.

Од почетокот на кризата мерките ги даваме по сите препораки на СЗО, истакна министерот за здравство.

Филипче рече дека опозицијата се однесува како да нема пандемија, како да живеат на некоја друга планета.

– Во сите околни земји, во регионот, во Европа има огромен број на новозаразени и починати.
Според опозицијата секоја влада и секој министер во светот треба да поднесе оставка заради тоа што насекаде се зголемува бројот на случаи. Опозицијата кажуваше есенски бран е многу тешко да се замисли да има, даваше изјави дека маските биле штетни, итн. Немаме конструктивен предлог од опозицијата, ништо паметно не слушнав освен обвинувања – рече министерот за здравство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.