Засилени мерки за проверка на патници, багаж и карго пратки што пристигаат во САД

САД ја засилија проверката на патници, багаж и карго пратки што влегуваат во земјата и го ревидираа системот за тревога на пограничните служби во случај на потребна дополнителна проверка на поединци, изјавија од Департментот за национална безбедност.

Одлуката доаѓа по ескалацијата на конфликтот и воените тензии меѓу Вашинтон и Техеран, по воздушниот напад на САД во кој загина авторитетен ирански генерал, по што Иран вчера лансираше ракети врз американски бази во Ирак.

Во новобјавениот безбедносен билтен на департментот а поврзан со ситуацијата околу Иран, се вели дека „службата работи многу позасилено и презема неопходни безбедносни мерки на претпазливост“.

Од Погранично-царинската служба на САД изјавија дека оваа мерка не е причина за задржување на патниците, посебно не оние со иранска националност, откако во неделата се појавија соопштенија на социјалните мрежи за задржување и проверки на Иранци со американско државјанство на границата со Канада во делот со сојузната држава Вашингтон.

Од службите велат дека промените во пограничните системи за тревога и засилените проверки се дел од зголемените безбедносни мерки на администрацијата по воздушниот напад на САД и убиството на иранскиот генерал.

Зголемените мерки ги засегаат сите патници, багаж и карго пратките што пристигаат во САД, велат од Департментот за национална безбедност.