Затемнет авион, бесшумна колона, полноќен воз – како Бајден стаса во Киев

Патувањето на американскиот претседател Џо Бајден во украинската престолнина Киев започнало длабоко во ноќта во воен хангар близу Вашингтон, пренесуваат во вторникот светските медиуми, пренесува НетПрес.

Во 4 часот наутро во неделата по локално време, за што не дознале светските медиумите, вашингтонскиот политички естаблишмент или американските граѓани, претседателот Џо Бајден се качил во авионот „Boeing 757“ попознат по ознаката „C-32“.

Авионот, кој е помала верзија од оној што вообичаено го користат американските претседатели, бил паркиран далеку од славниот „Air Force One“. На сите прозорци биле спуштени капаците.

Петнаесетина минути подоцна, Бајден заедно со неколкумина припадници на Тајната служба, помал медицински тим, блиски соработници и двајца новинари, кои биле под обврска на доверливост, полетал кон воената зона, се наведува во драматичниот опис на патувањето до Киев претставен на AFP.

Се потсетува дека Бајден е медиумски најследената личност на светот. Насекаде неговите изјави се снимаат, транскрибираат и објавуваат. Наместо вообичаените 13 радиски, агенциски и телевизиски новинари кои патуваат со него, сега биле само двајца.

Станува збор за новинарка и фоторепортер. Новинарката Сабрина Сидики од The Wall Street Journal, објави кога тоа ѝ било дозволено, дека таа и фоторепортерот се повикани во воздухопловната база Ендрјуз крај американската престолнина во 02.15, часот наутро по локално време. Паметните телефони им биле одземени и вратени кога Бајден стасал во Киев, поточно околу 24 часа подоцна.

Сите летале седум часа од Вашингтон до американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија. Таму авионот бил наполнет со гориво, заштитните капаци на прозорците останале спуштени, а за тоа време никој не го напуштал леталото.

Следниот лет бил до аеродромот Жешов. До тогаш новинарката Сидики и фотографот на Associated Press, Евен Вучи, воопшто не го виделе Бајден. Не го виделе ниту кога влегле во колоната возила, која без вообичаените светлечки сигнали „флешери“, тивко се движела кон Пшемисл-Гловни, железничка станица близу границата кон Украина.

Во 21.15 часот во неделата, по средноевропско време, се качиле на воз, а новинарите сѐ уште не го имале видено Бајден. Композицијата имала осум вагони. Повеќето од патниците, вели Сидики, биле припадници на обезбедувањето.

Во драматичниот опис се наведува и дека Бајден ги сака возовите, и дека наводно како сенатор „со години“ патувал со воз од Делавер до Вашингтон, што му го донело прекарот „Амтрак Џо“. Но, се истакнува, ниеден американски претседател не патувал 10 часа во воз во воена зона. Кога патувале во Авганистан или во Ирак, таму ги обезбедувале американски војници, коишто барем официјално ги нема во Украина.

Возот влегол во Киев во самите мугри. Бајден, кој престојуваше во украинската престолнина како потпретседател во мандатот на Барак Обама и беше еден од главните осмислувачи и поддржувачи на превратот во 2014 година, излегол од возот во 8 часот и 7 минути. „Мило ми е што повторно сум тука“, рекол Бајден.

Во понеделникот советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, потврди дека непосредно пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Украина, САД стапиле во контакт со Русија.

„Ја известивме Русија дека претседателот Бајден ќе замине во Киев, неколку часа пред заминувањето за да се избегне конфликтна ситуација“, изјави Саливан и додаде дека посетата на американскиот челник на украинската престолнина била испланирана „до најситни детали“.

Според Џон Фајнер, заменик на советникот на Белата куќа за национална безбедност, во подготовката на посетата на Бајден на Киев биле вклучени истовремено неколку сектори. Додаде дека во подготовките, исто така, биле вклучени и припадници на американското разузнавање.

Бајден претходно во понеделникот пристигна во ненајавена посета на Киев, како што подоцна беше објавено, со воз. Медиумите известуваа дека поради непозната причина во украинската престолнина се заострени безбедносните мерки, но вистинската причина за тоа беше објавена дури околу пладнето.

Сирените за тревога од наводен воздушен напад се слушале во текот на посетата на Бајден, но нема извештаи за руски напади. Медиумите потсетуваат дека слична била сликата и во Киев и при претходните посети на западните челници.