Затворањето во Камбера продолжено за еден месец

Епидемиолошкото затворање на австралиската престолнина Камбера е продолжено во вторникот до половината на октомври, соопштија властите.

Околу 400.000 жители на главниот град веќе еден месец се принудени да останат дома, откако беше потврден првиот случај на Covid-19 во Камбера по подолго време. Жaриштето на заразата, кое е поврзано со делта варијантата на коронавирусот, е ограничено, со 252 активни случаи и 276 оздравени пациенти.

Шефот на владата на Територијата на австралискиот главен град, Ендрју Бар, изјави дека властите сакаат да продолжат да го ограничуваат пренесувањето на вирусот и да вакцинираат што е можно повеќе жители.

„Тоа е најсигурниот пат кој треба да се следи. Тоа ќе овозможи да ги имаме Божик, летните празници и 2022 година без ризици“, изјави Бар на прес-конференција.

Повеќе од 53 отсто од лицата повозрасните од 16 години во оваа сојузна држава ги примиле двете дози од вакцините, што е највисок процент во Австралија која последните три месеца се соочува со раст на случаите на коронаинфекциите во повеќе региони.

Последните месеци е забрзана кампањата за вакцинирање, особено кај лицата кои се во „локдаун“ на југоистокот на земјата, како што се метрополите Сиднеј и Мелбурн, двата града со најмногу население.

Австралиските власти минатата седмица договорија национални насоки кои предвидуваат укинување на рестриктивните мерки и отворање на границите кога процентот на потполно вакцинираните лица ќе достигне меѓу 70 и 80 отсто.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот, Австралија регистрираше повеќе од 75.000 случаи на Covid-19 и има повќе од 1.100 смртни исходи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.