Затворен граничен премин меѓу САД и Мексико

Соединетите држави го запреле сиот сообраќај во неделата на многу користениот граничен премин меѓу Сан Диего и Тихуана, откако стотици имигранти се обиделе да минат од Мексико во САД.

Граничниот премин Сан Исидоро е затворен на неодредено време за возила и за пешаци, објави на Twitter американската погранична служба.

Агенцијата AFP објави дека претходно стотици имигранти се обиделе да ја минат границата кај Тихуана. Мексиканската телевизија емитуваше кадри на кои се гледаат дека некои од стотината имигранти на границата се обидуваат да ја прескокнат оградата којашто ги разделува двете земји.

Американскиот претседател Доналд Трамп последните денови се закануваше дека целосно ќе ја затвори долгата граница меѓу САД и Мексико, доколку се влоши ситуацијата со имигрантите. Повеќе од 5.000 имигранти од земјите од Централна Америка се наоѓаат во Тихуана и повеќето од нив немаат алтернативни планови, доколку САД не им дозволат влез. Тие стасаа со карванот кој во најголем дел тргна од Хондурас, но и од Салвадор и Гватемала.