Затворена канцеларијата на ФЗОМ во Драчево

Жителите од скопските населби Драчево, Пинтија, Зелениково и околните населени места треба да патуваат и над 40 километри за обична заверка, бидејќи веќе неколку месеци Канцеларијата на Фондот за здравство во поликлиниката Драчево е затворена. а ваквата ситуација предизвикува револт кај пациентите кои се жалат оти надлежните институции и министерот за здравство Венко Филипче, воопшто не се грижат да го средат овој проблем.

Веќе неколку месеци Канцеларијата на Фондот за здравство која се наоѓаше во поликлиниката Драчево е затворена. Жителите од околните населби и села за обична заверка треба да патуваат и над 40 километри.

Граѓаните од Драчево, Пинтија, Зелениково, Моране и околните населени места, реагираат и прашуваат до кога ќе биде затворена канцеларијата, а тие ќе мора да одат до градскиот Фонд за здравство кој се наоѓа во централното градско подрачје и дневно да поминуваат толку километри и да губат време.

За РТГ снимка тие се приморани да одат во најблиските поликлиники Јане Сандански или Бит Пазар, резултатите да ги чекаат по неколу дена, па повторно да поминат толку километри за да ги земат истите.

Ваквата ситуација која трае околу 5 месеци предизвикува револт кај пациентите кои се жалат оти надлежните институции и министерот за здравство Венко Филипче, воопшто не се грижат да го средат овој проблем.

Дел од пациентите не се во можност да патуваат со автомобил, па и покрај маката, со здравствени потешкотии, се принудени да се возат со автобус и при тоа да изгубат цел ден, наместо, како до пред неколку месеци да направат снимка во поликлиниката Драчево.

Граѓаните од Драчево и околината велат дека секој од нив плаќа здравствено осигурување исто како и сите други луѓе по другите средини, но надлежните се глуви за нивниот проблем. Па токму затоа бараат промена на состојбите во здравството, бараат нови апарати и РТГ машини, бараат подобро здравство за сите…

КУРИР испрати прашање до Министерството за здравство и до Фондот за здравствено осигурување, имајќи во предвид дека канцеларијата е во надлежност на ФЗОМ: „До кога ќе биде затворена канцеларијата на Фондот за здравство во Поликлиниката Драчево?“, бидејќи ова прашање ги мачи осигурениците.

Од Министерството не` препратија до Фондот, а од таму со кус одговор: Истурениот шалтер на Фондот за здравство во Драчево беше затворен поради малиот број на осигуреници кои ги користеа услугите на истурениот шалтер во Драчево.

Останува отворено прашањето: Дали овие пациенти не се македонски граѓани и не заслужуваат адекватна и соодветна здравствена заштита, ако се знае фактот дека секој од нив плаќа здравствено осигурување?