Со новиот предлог-закон кој го усвои Владата на вчерашната седница, предвидени се затворски казни за учество во странски војски, паравоени формации, параполициски формации и полиција.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска истакна дека новите измени во законот кои ќе бидат доставени до Собранието се во насока на јакнење на системот и националната безбедност како и во борбата против глобалните закани особено тероризмот.
Со новите законски измени јасно е прецизирано дека тој што ќе создава и организира превоз, опремување, обучување на лица или група, ќе биде казнет со најмалку 5 години затвор. Исто толкава казна е предвидена за оној кој ќе нуди, бара, дава, прибира фондови или финансиски средства за овие цели.
Со најмалку 4 години затвор ќе бидат казнети оние кои ќе учествуваат или ќе се обучуваат за воено дејствување надвор од Македонија.
Најмалку 4 години затвор новиот закон предвидува и за лица кои собираат, организираат преку социјалните мрежи снимки, аудио или видео, на кои повикуваат или врбуваат лица за учество во овие формации.
Со закон ќе биде казниво помагањето и обидот за овие дела.
Јанкулоска потенцираше дека во законот нема да бидат опфатени лица кои имаат државканство од тие земји или лица кои учествуваат во меѓународно признати мисии.