Завршени проектите за обнова на Трескавец

Министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска денес информира дека се целосно завршени проектите за обнова на опожарените конаци на Трескавец, како и дека се очекува да биде објавен тендерот за избор на изведувач и да се почне со обнова на опожарените конаци.

– Помина и позитивната ревизија. Многу се работеше изминатиот период. Се трудевме максимално да одиме со завршување на сите проекти, да завршат сите одеднаш, а не фазно и да се објави еден тендер за изведувач кој ќе се однесува на сите проекти заедно. Во фаза сме на добивање конзерваторско решение од Управата за заштита на културното наследство. „Завод и музеј“ Прилеп ќе може следната недела да ја почне постапката за објавување тендер за изведувач и за брзо време тој да биде избран, рече Канческа- Милевска.

Нагласи дека во текот на октомври ќе бидат промовирани целосно завршените проекти во манастирите Зрзе и „Свети Архангел Михаил“ во Варош.

– Овој месец ќе се промовираат два значајни проекти. Целосната реконструкција на манастирскиот комплекс во Зрзе, како и патот кој е веќе изграден до манастирот. Овој месец ќе го промовираме и изградениот источен конак на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош, додаде Канческа – Милевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.