Завршија авганистанските преговори меѓу САД и талибаните во Доха

САД и талибаните го завршиле осмиот круг од преговорите во катарската престолнина Доха со цел да се стави крај на најдолготрајната американска војна, соопшти портпаролот на талибаните во понеделникот.

Преговарачките групи работеа до понеделникот утрото, напиша на Twitter талибаснкиот портпарол Забиула Муџахид. Ги нарече преговорите „долги и корисни“. „Договоривме двете страни да се консултираат со своите водства за натамошните чекори“, рече Муџахид.

Талибаните досега одбиваа да преговараат со авганистанската влада, која ја нарекуваат „режимски кукли на конци“.

Иако сѐ уште нема осигурување дека примирјето е близу, извори запознаени со текот на преговорите во Доха за агенциите велат дека на двете страни се направени мали поместувања. САД и претставници на радикалното исламистичко движење Талибан се среќаваат од минатото лето во надеж дека ќе изнајдат мирно решение за судирот во Авганистан, кој трае веќе две децени.

Вашингтон во прв ред сака талибаните да гарантираат дека Авганистан нема да стане база за планирање терористички операции во странство, додека талибаните се фокусирани на своето барање сите странски трупи под американско водство да се повлечат од земјата. Според САД, исто така, договорот би требало да вклучува примирје и директни преговори меѓу авганистанската влада и талибаните.