Заврши четиричасовната средба на Ердоган и Путин кој ѝ порача на Европа да ѝ биде благодарна на Турција

Потврдена е добрата билатерална соработка меѓу Русија и Турција, како и соработката по важните меѓународни прашања, се наведува во заедничкото соопштение по четиричасовната средба во Сочи на претседателите Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган во заедничкото соопштение од петокот.

„Усвоена е заедничка изјава“, рекол кусо за медиумите по завршувањето на средбата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека не било планирано потпишување други документи, вклучително и меморандум за соработка.

„Путин и Ердоган ја потврдиле својата посветеност на политичкото единство и територијалниот интегритет на Сирија, како и одлучноста за заедничко дејствување во разрешувањето на ситуацијата во земјата“, се вели во првичните објави по средбата.

Русија и Турција во сириската граѓанска војна поддржуваат различни страни, Москва застана зад владата на претседателот Башар ал-Асад а Анкара бунтовничките сили на сунитските групации и туркофоно малцинство. Но Турција изедува воена интервенција на сириска територија против Сириската слободни сили (SDF), чиј главен фактор се курдските Единици за заштита на народот (YPG), вооружувани и обучувани од САД.

Путин и Ердоган, исто така, изјавиле дека се залагаат за зачувување на суверенитетот, територијалниот интегритет и национално единство во Либија, каде двете земји исто така поддржуваат две различни страни. Двајцата челници се согласни дека „во политичкиот процес во земјата водечка улога ќе ја имаат самите Либијци“, се додава во соопштението.

„Во однос на регионалните прашања, челниците ја истакнаа клучната важност од искрените, отворени и доверливи односи меѓу Русија и Турција чија цел е постигнување регионална и меѓународна стабилност“, се наведува на веб-страницата на Кремљ.

Путин и Ердоган, се додава во соопштението, ја потврдиле волјата за натамошен развој на билатералните односи и се согласиле на преземање чекори за соработка во сферата на транспортот, трговијата, земјоделството и туризмот, како и заедничките проекти во економијата и енергетиката…

 

Европа треба да ѝ биде благодарна на Турција

Пред почетокот на четиричасовниот разговор зад затворени врати, Ердоган за новинарите изјави дека се надева на „отворање нова страница“ во односите меѓу Анкара и Москва, а политичките коментатори во двете земји средбата во Сочи ја оценија како „јасен сигнал до Западот“, како дека „Анкара повеќе не се обѕирнува кон Вашингтон, туку води независна политика“.

Ердоган во Сочи допатува со голема делегација челници на клучните сектори, кои учествуваа на состаноци со своите руски колеги. Турскиот челник пред средбата ја посочи една од главите теми, односно градбата на првата турска нуклеарна централа Акују, којашто е доверена на руската државна компанија „Росатом“.

„Нашите разговори денеска се важни имајќи ја предвид улогата на Турција и Русија во регионот. Се надевам дека ќе отвориме нова страница во билатералните односи“, истакна пред средбата Ердоган.

Истакнувајќи го зголемувањето на обемот на билатералната трговска размена, Путин од своја страна порача дека се надева дека делегациите на двете земји ќе договорат повеќе спогодби за двостраните трговски и економски врски.

Путин, исто така, ја истакна посредувачката улога на Турција во посредувањето за решавањето на проблемот со извозот на украинските житари за надминување на стравувањето за глобална прехранбена криза, а особено потсети на „големата улога“ на Анкара поради функционирањето на гасоводот Турски тек кој го опиша како „најважната гасна артерија во Европската унија“.

„Сметам дека европските партнери треба да ѝ бидат благодарни на Турција затоа што обезбеди непречен транзит на нашиот гас на европскиот пазар“, рече Путин.

Ердоган, исто така, јасно даде до знаење дека неговата средба со Путин има „широк геополитички“ контекст.

„Денеска погледите на светот се вперени во Сочи: што ќе прават во Сочи, за што ќе разговараат? По нашата средба веројатно ќе го добијат најдобриот одговор“, рече Ердоган пред со домаќинот да се повлечат на разговорите во четири очи.