Заврши голготата на македонските граѓани во Израел-пристигнаа во Скопје (ВИДЕО)

Со авион на „Ер Србија” евакуирани се македонските граѓани од Тел Авив. Тие денеска попладне безбедно слетаа на скопскиот аеродром по речиси една недела на исчекувања и неизвесност поминати во Израел, а  непосредно по нивното полетување е прогласена евакуација на жителите од Газа каде што сè поизвесна станува копнената офанзива. Во aвионот на „Ер Србија“ на патот кон Скопје имаше вкупно 133 патници, а меѓу нив освен наши граѓани, кои беа во најголем број, имаше и дел државјани од Србија и Црна Гора, кои од Скопје го продолжија патот кон Белград.

Патниците ги поздрави конзулот на српската амбасада во Израел Душан Вујовиќ, кој им посака да се видат во „подобри услови“.

– Драги пријатели, го натоваривме последниот патник. Ви посакувам сè најдобро, убав пат. Ве поздравувам пред амбасадите на Србија, Северна Македонија, деловниот конзулат на Црна Гора и Амбасадата на Албанија од моите драги колеги кои сето ова го организираа на терен. Прво летај за Скопје, па за Белград, чувај се и се надевам дека ќе се видиме во подобри времиња. Сè најдобро уште еднаш – рече Вујовиќ.

Полетувaњето на авионот патниците го  поздравија со емоции и се слушнаа извици „Да живее Србија“!

Во моментот кога „Ел Србија“ го остваруваше специјалниот лет на релација Тел Авив – Скопје за да ги евакуира македонските државјани кои останаа заглавени во Израел, аеродромот Бен Гурион во Тел Авив продолжи  да работи нормално, но имаше повеќе  авиопревозници кои привремено ги прекинаа своите операции, вклучувајќи ги „Американ Ерлајнс“, „Ер Франс“ и „Луфтханза“.

Враќањето на македонските патници  го организираше македонската влада и ги подмири  трошоците за летот со „Ер Србија“.

Од почетокот на војната во Израел на 7 октомври, македонското МНР регистрираше 150 наши државјани кои се заглавени во виорот на војната.

Останува неизвесна состојбата за брачниот пар кој од четвртокот не може да излезе од  Газа, а владата прави напори да ги извлече од ризичното подрачје.