Заврши ликовната колонија „Св. Ѓорги“ во Блатец-Виница (ФОТО)

Денеска заврши ликовната колонија „Св. Ѓорги“ која по втор пат е организирана од Дом на култура” Тошо Арсов” Виница и Здружение на уметници “УМ”, од 24 до 28 август.

Колонијата е од меѓународен карактер, но поради коронавирусот оваа година има уметници само од нашата држава кои твореа во убавиот и живописен предел околу манастирот „Свети Ѓорги“ во селото Блатец. На колонијата твореа 14 автори со долгогодишно или минимално искуство.

„Мотивите кои се сликаа се разнообразни, оригинални и колоритни. Еден поголем дел од нив да се карактеризира како експресионизам. Апстрактниот израз исто така присуствува и спојот меѓу различностите испливува на површина. Кај некои од делата се забележува симболично – минималистички израз, ограничување од користење на многу бои со цел да се стигне до една чиста и јасна и стилизрана форма, на изглед едноставно, а во суштина толку содражателна и воодушевувачки моќна’, вели Благица Стојановска, стручен соработник за визуелни уметности во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, додавјќи дека уметничките дела се работени во техника масло на платно, акрилна, како и комбинирана техника.

Стојановска вели дека било предизвик да се следи процесот на создавање на дела кај поголема група ентузијасти и искусни творци.

Колонијата беше спроведена според сите протоколи за работење во услови на пандемијата на Ковид-19.

Датумот на изложбата доплнително ќе биде соопштен поради коронавирусот.