Заврши новата истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Трајковски

Комисијата која врши нова истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски ја заврши работата. Деталите се очекува да бидат соопштени во Скопје, непосредно пред одбележувањето на 10-годишнината од несреќата.

„Истрагата е завршена. Во тек се последните технички формалности. Најдоцна за еден месец, тимот истражители ќе дојде во Скопје и на јавноста ќе и ги презентира фактите“, изјави претседателот на Комисијата, Омер Кулиќ за МРТ.

Истрагата во најголем дел се разликува од првичната според која вината за несреќата беше лоцирана кај пилотите кои загинаа. Со симулација на автентичен лет на релација Скопје – Мостар, истражителите утврдиле отстапување од процедурите за летање, а проблеми лоцирале и во инструментите за навигација.

Извештајот ќе биде доставен до Обвинителството кое по него ќе постапува и ќе утврдува дали има поединечна или колективна одговорност.

Истрагата за падот на „Кингерот“ беше повторно отворена на барање на Македонија откако се добиени дополнителни докази.

Авионската несреќа во која загинаа претседателот Трајковски, придружната делегација и екипажот се случи на 26 февруари 2004 година на подрачјето на село Ротимље во близина Мостар.

Според резултатите од првата истрага, причина за несреќата беа „процедурални грешки на пилотите во фазата на слетување на мостарскиот аеродром“.