Заврши распитот на Тачи во Хаг

Претседателот на Косово Хашим Тачи, кој, како осомничен за воени злосторства во 1998-99 година, минатите четири дена беше на распит пред Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за Косово во Хаг, објави дека интервјуто во холандската престолнина завршило и дека нешто по 18 часот попладнево допатувал во главниот град на Албанија, Тирана, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Твитер, Тачи информира дека детали во врска со неговиот распит во Хаг ќе објави во обраќање до јавноста утре во 20 часот.

„Штотуку слетав во Тирана, на враќање од Хаг и вечерва ќе дојдам во Косово. Утре во 20 часот ќе говорам за четирите дена поминати во Хаг. Ви посакувам добар викенд. Ве уверувам дека никој не може да ја препишува нашата историја“, напиша Тачи.

Косовските медиуми објавија дека Тачи се очекува да стаса во Косово вечерва, преку граничниот премин Морина, каде што се излезени неколку десетици граѓани да го пречекаат.

Против Тачи, како еден од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), како и против други водачи на таа воена организација, е подигнато обвинение за злосторства против цивили од албанска, срмска, ромска и друга етничка припадност во текот и непосредно по војната од 1998-99 година.