Заврши стручната дебата за законот за јавно обвинителство

Во Собранието попладнево заврши стручната дебата за законот за јавното обвинителство, во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Сотир Костов, правник, осврнувајќи се на Предлог-законот за јавното обвинителство, рече дека е збунет во однос на тоа во која фаза е текстот на законот и, подвлече, чиј е. Тој потенцира дека сака да се донесе овој закон и, како што рече, обвинителството да почне светла фаза во својата работа.

– Овој закон сите го посакуваме, ама вчера и денес се делиме на луѓе што не ја прифаќаме неговата содржина и луѓе што ја прифаќаат. Односот е 80:20. Вчерашните и денешните експерти ги избројав, 80 отсто не ја прифаќаат содржината на овој закон од разни причини, а 20 отсто прифаќаат, рече Костов.

Според него, овој закон е лепенка од стариот закон, од СЈО, ама вешто е преформулиран, но, како што рече, неписмено правнички.

Новинарот Горан Лефков изјави дека не се согласува со некои одредби од законот, посебно членот 3 во кој се одредува дека Јавното обвинителство се организира по принципите на хиерархија и субординација.

– Политиката треба целосно да ги крене рацете од Јавното обвинителство. Политиката треба да ги остави Јавното обвинителство и јавните обвинители да си ја вршат работата. Мешање на политиката, на политичките партии и други форми на влијание врз Јавното обвинителство, последиците ќе ги имаме катастрофални, како што ги имаме денес во работењето на Јавното обвинителство, нагласи Лефков.

Претседателот на собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски, изрази задоволство што два дена се дебатирало за ова предлог-законското решение. Според него, само еден од говорниците не дискутирал на темата, а сите други се вклучиле квалитетно, далбински и експертски.

Во јавната расправа досега учествува претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии. Предност во изнесувања на своите забелешки имаа претставниците на стручната и експертската фела.

Во стручната расправа денеска се вклучија професорите Александар Климовски, Александар Даштевски и Никола Тупанчевски, Џабир Дерала од НВО Цивил… Забелешките ги слушаа министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.