Пожарот во поранешната фабрика „Треска“ е под лупа на истражните органи.. Обвинителството и полицијата, викендов направиле увид на опожарените објекти. Бил земен доказен материјал кој треба да открие како настанал пожарот и дали е намерно предизвикан.
„Доколку се утврди дека пожарот бил подметнат, односно е резултат на кривично дело, по насоки на јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи ќе преземе дејствија за откривање на сторителите. Беа подигнати траги и дадени се насоки за утврдување на причините за пожарот“, велат од обвинителството.
Расчистувањето на остаотиците од пожарот и целиот простор во кругот на фабриката, од Општина Центар велат дека ќе зависи од насоките кои ќе ги дадат надлежните институции. Сопствениците на парцели пак ќе треба сами да го расчистат просторот. Локалниот штаб за заштита и спасување предупредува дека „Треска“ е опасност за околината.
Од Центар велат дека дневните извештаи од мерните станици на Министерството за животна средина не покажале поголемо загадување поради густиот црн чад кој се издигаше над градот.
Пожарот во Треска избувна минатата недела во една од фабричките хали. Според првичните информации, гореле сунѓер, пластика, гума, дрво. Огнот го уништил и покривот од азбестни табли чиј состав предизвикува сериозни респираторни заболувања.