Заврши зимскиот распуст, учениците од утре на настава

За основците и средношколците завршува зимскиот распуст и од утре се враќаат на настава во второто полугодие од учебната 2022/2023 година.

Распустот беше продолжен со одлука на Владата заради функционалност на училиштата и второто полугодие наместо на 18 јануари почнува утре.

Најверојатно и учебната година ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.

– За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем, рече Шаќири минатата недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.