Завршува Вевчанскиот карневал – Се напрај василичар? Се напрајв!

48

„Повторно докажавме дека сме карневал кој може да се носи рамо до рамо со останатите светски карневали. Задоволство е да се видат своите жители, пријатели, семејството и посетителите на Вевчански Карневал како уживаа во богатата музичка програма, но и во новитетите на овогодинешниот карневал. Срцето ми е полно! Ние сме неуморни и единствени! На нашата креативност и нема застој! Во името на Општина Вевчани и вевчанци сакам да ви ја честитам Новата Година, да ви посакам здравје, бериќет и благосостојба. Ве чекаме и до година да ни дојдете во поголем број и со уште побројни маски“- изјави градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.

Вевчани два дена наликуваше на отворена театарска сцена, над 1000 маски, повеќе од 10.000 посетители од земјава и странство и само една порака „Среќна и бериќетна Нова година“.

 

Програмата започна на 12-ти јануари, со спектакуларните настапи на македонските ѕвезди Влатко Лозаноски, Eye Cue, Brass Brothers и Dj Todoroff до доцна во ноќта.

Наредниот ден, на 13-ти јануари започна главното дефиле на маските низ улиците на Вевчани. Можеа да се видат невестата, младоженецот и Глупи Август како ја предводат поворката од рекордниот број на маски во последните неколку години. Глупи Август со карактеристични извици и потези ги избркаа злите духови и го отвори патот за дочекот на Православна Нова Година на полноќ.

Вечерта македонскиот мелос ги развесели вевчанци. Дамјан Стојаноски, Татијана Стефановска и дувачкиот оркестар Веселата дружина ги дигнаа на нозе присутните и со спектакуларен огномет организиран од општина Вевчани ја дочекаа новата година.

Традиционално, како и секоја година, Вевчанскиот карневал завршува со василичарското оро и палење на маските на сретсело на двете василичарски друштва, Горна и Долна маала. Со палењето на маските вевчанци веруваат дека го избркале злото и ќе имаат среќна и бериќетна година.

Подготовките за следната година вевчанци ги започнуваат уште утре. 365 дена велат се доволни за во 24 часа да се претстават актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин преку упатување на силни пораки кон општеството и политичарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.