Заврши првата рунда преговори, за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо СЈО да не одговара пред никого

По завршувањето на работната група која денеска го разгледуваа законот за Јавно Обвинителство во Министерството за правда, на прес конференција министерката, Рената Дескоска изјави дека по долгата средба е прегледан целиот закон, но со претставниците од ВМРО-ДПМНЕ не бил пронајден заеднички јазик околу СЈО, пренесува ТВ21.

Разговаравме член по член, го поминавме целиот закон, ако на другите членови можевме да најдеме заеднички јазик, кај СЈО не можевме. Барањето кое го доставија, СЈО да биде дел од Обвинителството за организиран криминал, а не посебно обвинителство, е прашање кое реално не може да биде прифатено од причина што СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство. Друга клучна работа е околу истрагите кои се во тек од СЈО предистражни постапки и обвиненија кои се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите, вели Дескоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека СЈО треба да биде одделение во Јавното Обвинителство за организиран криминал, а предметите кои се почнати до 30 јуни да продолжи да ги работи СЈО, а за останатите предмети сметаат дека тоа е нерелевантна истрага, додава ТВ21.