Зборот си е збор – Тиранската платформа пред финиш

Албанците со Платформата бараат официјален албански јазик, решавање на името, евроатлантска интеграција... Може да се забележи дека настаните се одвиваат токму како што наложува документот.

Тиранската платформа, која беше услов за формирање на актуелната влада, неминовно си врви по патот на целосна реализација, наспроти „силните гаранции“ од премиерот Зоран Заев, дека нема да се посегнува по суверенитетот и унитарноста на државава.

Во изминатиов период се крена голема прашина во македонската јавност околу овој контроверзен документ, кој само дополнително ја продлабочи политичката криза во Македонија.

Законот за јазици кој стапи на сила од денеска, без потпис на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, туку потпишан само од претседателот на Собранието, Талат Џафери, е еден од главните сегменти на Платформата.

Охридскиот рамковен договор веќе влезе и во Преамбулата на Уставот, како конститутивен елемент на државата.

Албанците со Платформата бараат официјален албански јазик, решавање на името, евроатлантска интеграција… Може да се забележи дека настаните се одвиваат токму како што наложува документот.

За потсетување, еве што содржеше Тиранската платформа, како барања на претставниците на албанските политички партии „Демократската Унија за Интеграција, „Коалицијата Преродба со БЕСА” и „Алијансата за Албанците”, и што досега се реализираше од нејзината содржина.

1. Постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот

* Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде Албанците се сметаат како државотворна нација, поддржување на секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.

* Постигнување на целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека “македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

* Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

* Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.

Откако веќе се направија уставните измени и се прогласи албанскиот јазик како втор службен јазик во Македонија, воопшто нема да биде неочекувано наскоро да се покрене и прашањето за промена на знамето, химната и државниот грб, откако со уставните измени се обезбеди изедначување на македонскиот со албанскиот народ и двата јазика.

2. Постигнување на економска рамноправност и на општествената благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој

* Создавање на нов механизам, во форма на една Државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.

* Создавање на едно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.

* Остварување на правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.

* Остварување на правична застапеност во сите нивоа на централната власт како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции.

Правичната „рамковна“ застапеност е веќе подолг период застапена на сите нивоа.

3. Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евро-атлантскиот интегративен процес

* Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската Комисија, како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

* Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди.

* Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како “Сопот”, “Бродец”, “Монструм” и “Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.

Власта, точката за владеење на правото веројатно ќе ја прескокне, или можеби ќе ја остави како последна, бидејќи секако доколку се држи до ова правило, би ја саботирала својата политичка активност во целост.

4. Создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата

* Преземање на афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и локално ниво.

* Создавање на една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи.

Првото барање веќе е ревносно реализирано. Владата овој период финансираше голем број албански културни институции и проекти за афирмација на албанската култура, а 800.000 евра власта обезбеди и за формирање на паралелен албански народен ансамбл.

5. Решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право

* Усвојување заедничка и обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија е обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името.

* Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

Во согласност со „европските вредности“, веќе се реши и името на државата.

6. Добри односи со соседите

* Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.

* Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.

* Отворање на нови гранични премини.

7. Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија

* Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија.