Здравев: Се размислува за онлајн судења, но тоа не може без согласност на обвинетиот

По одложувањето на судските рочишта поради ситуацијата со ковид-19, се разгледува можноста за одржување онлајн судења, изјави за МИА претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев. Меѓутоа, тој нагласува дека тука постои еден проблем поради тоа што не може да се спроведе онлајн судење ако на тоа не се согласи обвинетиот.

– Мора во иднина да се менуват процесните закони за да може да се предвиди можност и за онлајн судење. Ние сите сме загрижени за состојбата, ни пречи на сите и на Судскиот совет и на судиите, и на претседатели на судовите. Ќе мора да се бара некое решение, некој излез од таа состојба, вели Здравев за МИА.

Моментално не се дискутира за одложување на судските рочишта како што беше пример во месеците март, април и мај, но се бараат решенија за онлајн судења.

Освен законските пречки за одржување на онлајн судења, друг проблем се кој се соочуваат судовите е фактот што поголемиот дел од судовите во државата не се технички опремени за вакви постапки. Заради новонастаната ситуација, Здравев истакнува дека ќе побарат средства од Министерството за финансии и преку донаци за техничко опремување на судовите за онлајн судења.

-Знаеме дека сите судови не располагат со опрема, и затоа ќе мора да водиме сметка да се обезбедат доволно средства од државата за да можеме ние да постапуваме и да судиме. Одлагањата ни пречат и на нас, се пролонгира постапката. Можеби на некои обвинети тоа им одговара, меѓутоа ние сме во тешка состојба да не може да постапуваме. Бараме решенија па ќе видиме како ќе биде, изјави Здравев.

Инаку, зголемениот број на новозаразени од Ковид-19, се рефлектираше и неколку судски постапи во Кривичен суд Скопје. Во дел од предметите иницирани од поранешното СЈО, како што се „Тврдина-Таргет”, „Тортура” и „Титаник” следните недели нема да се одржат рочиштата затоа што обвинетите Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер се позитивни на ковид-19. Минатата недела се одложи и судењето за „Организаторите на 27 април”, заради изолација на обвинетите Трајко Велјановски и Спиро Ристовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.