12.8 C
Skopje
вторник, април 23, 2024

Здравковски до Коцевски: Сте ветувале двојазичност и сега нема причина за глумење

Овие денови сме сведоци на една трагикомична ситуација која доби едно огромно медиумско внимание од граѓани, а посебно од граѓаните кои што се по националност Македонци. Имено сведоци сме на средбата на градоначалникот Коцевски и министерот за образование и наука, Арбен Адеми  на која господинот Коцевски реагираше како да е затекнат од некоја за него непозната ситуација, обвинува Игор Здравковски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес.

-Ова очигледно е еден од филмските настапи на градоначалникот во кој глуми загриженост за граѓаните и функционирањето на општината. Глумец на функција градоначалник. Господине Коцевски вие како една од клучните политички фигури во градот бевте свесен што носи изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, за кој гласаше и вашиот соработник господинот Панче Иванов. Дури и кога организиравте парадоксални самоуништувачки забави во младински, затскривајќи се зад евроинтеграциите бевте свесен која е цената што треба да ја плати народот за остварување на вашите хирови. Според нашите информации двојазичноста сте ја ветувале на вашите посети во Бузалково, Сливник иако ние како ВМРО-ДПМНЕ укажувавме дека со овој ваш план само ќе се уназади комуникацијата и односите помеѓу Македонците, Албанците во општина Велес кои што живеат и соработуваат одлично. Унапредување на односи, Коцевски се прави со инвестиции, со отворање на нови работни места, со градење на инфраструктура, а не со непромислени потези кои дополнително ќе иницираат нови проблеми кај така политизираното  општество, истакна тој.

Здравковски му порачува на Коцевски дека сега нема причина за глумење и лутење, кога веќе ветувал нешто.

-Сте ветувале господине Коцевски и сега нема причина за глумење и лутење посебно не од некој совесен и пресметлив човек како што сте вие. Вистината е друга господине Коцевски. Народот ви го сврте грбот. Тонете во жив песок со вашите погубни политики што впрочем се виде и на референдумот на кој имавте поддршка од само 27% од гласачите од Велес. Или во бројки изразено намалување за цели 3.500 гласови за една година. Па сега се грепчите за да докачите некоја сламка за спас за враќање на угледот и достоинството кое што за волја на вистината го имавте и ви беа на завидно ниво пред година и половина. Господине Коцевски, сепак ВМРО-ДПМНЕ како општествено одговорна партија и ние како дел од неа и во насока на вашето штедење и секако почитување на законите, доколку имате потреба ќе ви помогнеме колку што можеме, а можеме да ви понудиме македонско-албански речник кој ќе ви послужи во понатамошната комуникација. Можете учејќи да ги избегнете најавените казни од 5.000 евра за неговорење на официјалниот јазик на нашата држава, порача тој.