Здравковски: Интерпелацијата за Џафери беше неопходна и не е резултат само на настаните деновиве туку и на сето кршење на процедурите до сега

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски вчера во емисијата Патот кон која се емитува на Алсат М зборуваше за однесувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери во последните денови посебно откако опозицијата започна со активната блокада во законодавниот дом.

-Интерпелацијата која ние како пратеничка група ја поднесовме не е само поради однесувањето на Талат Џафери од вчера или од пред неколку дена каде што сите бевме сведоци на неговото недолично однесување, туку е како последица на континуираното кршење на деловникот од негова страна како што тој сака и од друга страна сме во некои двоумици дали ќе имаме седници дали ќе немаме седници, немаме ниту календар за одржување на седниците и комисиите. Сметам дека во континуитет е лоша работата на собранискиот спикер и овие последни случувања беа како преливање на чашата и едноставно беше неопходно да се поднесе интерпелација бидејќи тоа беше навреда и за пратениците и за вработените но и за сите граѓани, рече Здравковски.

Тој изрази и загриженост за молчењето од страна на СДСМ и премиерот Ковачевски за недоличното однесување на Талат Џафери.

Она што мене ме загрижува е дека Ковачевски и СДСМ слушаат само она што им се слуша, само тоа што им е ќеиф да го слушнат. Тоа што треба да го слушнат се прават како да не го слушаат, на пример Ковачевски вели дека не го слушнал тоа што го зборел Талат и дека не го ни прашал а видовме дека заедно седеа еден до друг на фудбалски натпревар на Шкупи. Интерпелацијата треба да биде дури и одважување за пратениците на СДСМ, ако тие ја подржат оваа интерпелација, заедно ќе донесеме пример за тоа како треба да се однесуваме во иднина, но ако продолжат вака да се однесуваат да се прават глуви на ова што се случи не знам до каде ќе одат, додаде Здравковски кој меѓудругото порача:

-Ние во моментот имаме активна блокада и пасивна блокада. Активна блокада правиме ние, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата додека пак пасивна блокада прават пратениците од владејачкото мнозинство затоа што тие ниту доаѓаат на седница и тие еве последните 10на дена ниту еднаш не свикаа седница, таа пасивната блокада затоа што тие не можат да обезбедат кворум. Активната блокада ќе се однесува на сите штетни закони. Имаме позитивни предлог закони кои што би можеле веднаш да ги изгласаме доколку се стават на дневен ред.