Здравковски: СДСМ и Царовска да ги симнат розевите очила и да ја погледнат вистината во очи

Хаосот во образовниот систем во Република Македонија зема се’ поголем замав. Условите во кои што учат и посетуваат настава нашите деца во време на пандемија, најблаго речено се катастрофални. Иако новата учебна година започна навреме, министерството за образование покажа лошо менаџирање со процесот на настава, како и со решавање на проблемите со кои се соочуваат основните и средните училишта во услови на КОВИД пандемија, изјави за медиумите Игор Здравковски, пратеник на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Истакна дека прикривањето и игнорирањето од страна на министерката Царовска на фактичката состојба поврзана со немањето на стратегија и методи за непречено следење на наставата, за нив како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која што жестоко се бори за најмладите и нивната иднина, беше доволен мотив да поднесат Информација за КОВИД 19 состојбата во основните и средните училишта.

„Нашата цел е на денешната Комисија за образование, овде во Собранието , да отвориме дебата и јавна дискусија каде што ќе може целата македонска јавноста да слушне како министерството се справува со пандемијата, зошто има селективна примена на протоколите, колкава е вкупната бројка на КОВИД позитивни ученици, колкава е нивната бројка во изолација, колку наставници и професори се КОВИД позитивни и во изолација. Ова се прашањата и дилемите кои што треба да се разговараат и отворат во јавноста. Но СДСМ и министерката Царовска, тоа одбиваат да го направат. Наместо да одговорат и да објаснат на јавноста, на родителите и на сите засегнати за оваа проблематика, тие упорно не убедуваат дека состојбата е под контрола, дека успешно се справуваат со пандемијата, дека децата имаат одлични услови за настава и ред други лаги, вели Здравковски.

Ги повика СДСМ и Царовска „да ги симнат розовите очила и конечно да ѝ погледнат“ на вистината и реалноста в очи. Состојбата на терен во училиштата е поинаква од таа што тие ја гледаат, посочи.

„Скандалозно е тоа што Царовска и Владата предводена од СДСМ успеаја да го направат невозможното. Тие со својата нестручност и неодговорност успеаја да го доведат на прагот на тотално уништување македонскиот образовен систем кој функционира повеќе децении. Ваквото нивно однесување ќе резултира со сериозни последици врз цели генерации ученици кои многу тешко ќе биде да се поправат во иднина. Тоа е непоправливата штета од владеењето на СДСМ кое мора час поскоро да заврши“, додаде Здравковски.