Здравствената администрација најави генерален штрајк ако не добие 10 отсто поголема плата

Здравствената администрација и помошно-техничките лица најавија генерален штрајк
доколку не добијат зголемување на платите за десет отсто. Според нив, сега се создадени услови за зголемување на платите, буџетите се формирани, се отвораат нови работни места и зголемувања на платите. „Ако не се исполнат нашите барања ќе побараме од синдикатите овој протест да се претвори во генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации’, изјави Лела Јеремиќ од Психијатриската болница во Скопје, на протестот на здравствената администрација и помошно-техничкииот пероснал на јавните здравствени установи, што се одржа пред Министерството за здравство.

Таа посочи дека ќе се поднесат тужби доколку биде потпишан анексот на Колективниот договор и ќе се поведе иницијатива за оценување на неговата уставност и законитост. „Не се исполнети нашите барања иако имавме преговори кои мислевме дека ќе се решат позитивно. Се согласивме и ги убедивме и министерствата за информатичко општество и администрација и за здравство дека нашата здравствена администрација е посебна во задачите што ги извршува, но се изненадивме со последната изјава на министерот за здравство дека таа нема да биде вклучена во зголемувањето на платите и со потпишувањето на анексот на договорот нема да е внесена во Колективниот договор. Ако не се исполнат нашите барања ќе се организира генерален штрајк на административните службеници во здравствените организации“, рече Јеремиќ.

Нашите црвени линии, појасни таа, се десет отсто зголемување на платите, бидејќи неколку пати се зголемуваа платите на здравствениот персонал, на соработниците и на помошно – техничкиот персонал еднаш им се зголеми платата, без ние да бидеме вклучени, но сега и тие не се вклучени. Според неа, само со десет отсто зголемување на платата, тие би ја оствариле исплатата по систем на образование, а во спротивно вработените со средна стручна спрема, сестри и друг персонал ќе земаат повеќе плата од правници, економисти вработени во здравствената установа.

Претседателот на Самостојниот синдикат на Клинички центар, Горан Беговиќ рече дека не е коректно да се зголемуваат плати само на едни профили, дека се на удар и лошо е кога за едни има зголемување на платите, а за други нема.

– Синдикатот донесе одлука да се потпише Колективниот договор. Не знаеме како правилно да постапиме. Имаме преговори со Министерството кои не сме ги завршиле. Ако не го потпишеме до 2 јануари Колективниот договор, кој ќе ни гарантира утре дека луѓето ќе добијат зголемување на платите, ќе има ситуација сите да бидат незадоволни. Кој гарантира дека техничката влада сигурно ќе го потпише“, додаде Беговиќ.

Александар Трајчевски од Детска хирургија и член на Координативно тело на здравствена администрација и помошно-технички лица на јавните здравствени установи во обраќањето пред учесниците на протестот рече дека одвојувањето на здравствената администрација од другата администрација, што не било можно, како што порача министерот, не е круцијално за платата, која тие ја земаат според Колективен договор.