Здравствените работници максимално да се заштитат себеси и да ги почитуваат протоколите за работа

Заштитата на медицинските работници и обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во справувањето во пандемијата беше во фокусот на 17. состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, што се одржа денеска во Владата.

-Едногласно преовлада заклучокот дека заштитата на здравствените работници, кои деноноќно работат на заштита на нашите граѓани и се на првата линија во борбата со коронавирусот е приоритет, соопштија од Владината прес служба.

Министерството за здравство, се посочува, од почетокот на кризата воведе протоколи за заштита за здравствените работници, тоа се протоколите за заштита на различни нивоа и степени, со детални објаснувања кој протокол каде се користи. При тоа, од состанокот на Главниот координативен кризен штаб произлезе апелот до сите здравствени работници, да ја носат опремата, да се заштитат себеси и сите околу себе.

На состанокот е препорачано и Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДСЗИ) да продолжи интензивно со контроли и санкционирање на непочитување на мерките од страна на здравствени работници кои не се придржуваат до протоколите за работа.

Воедно,  е заклучено да им се препорача на сите донатори своите донации да ги пренасочат за потребите на здравствениот систем и здравствените работници кои деноноќно посветено работат на заштита и лекување на нашите граѓани, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.