Здружението „Совест“ побара од премиерот Зоран Заев итна и ефектна одлука за запирање на градбата на минарето на Али Пашината џамија во Охрид

Додека институциите вегетираат во парализа, дивоградбата – минаре на Али Пашината џамија во Охрид, напредува високо кон небото“, е констатацијата со која денеска, од уште една прес конференција, се огласи здружението на граѓани „Совест“ од Охрид, пренесува Либертас.

Од премиерот Зоран Заев, побараа, итно да донесе ефектна одлука.

Влеговме и во третата година како „Совест“ ја отвори темата за Али Пашината џамија, но на запад ништо ново, минарето си расте, а власта во име на некаков мир не презема ништо, рече на денешната прес конференција претседателот на здружението Михаил Трендафилов Нанче.

Наша основна определба е легализмот, работевме најлегално, институциите да си ја завршат работата, но за жал доцна сфативме дека проблемот не е во неспособноста на институциите туку во замешаноста на политиката. Бевме наивни, дури и масовниот протест го откажавме со цел мирно да поминат изборите. Додека очекувавме разврска, се прошири веста дека ние сме се испазариле работите да продолжат, излезе дека ние сме се испазариле, ние што го отворивме прашањето. Сега кога имате апсолутна власт во претседател, премиер и градоначалник се надевам дека без никакви пречки ќе знаете да го решите овој за нас банален проблем, кој доведе до верски и меѓуетнички тензии, додаде Трендафилов Нанче.

Истовремено, рече дека како како претседател на „Совест“ прифаќа и лична одговорност и дека се повлекува од функцијата.

Понатамошните мерки на здружението ќе зависат од мерките што ќе ги преземе власта. Во тие понатамошни активности стои и протестот, но според него тоа е последното нешто што треба да се направи.

Трендафилов Нанче го потсети премиерот Заев на состанокот што го одржаа на кој добиле убедување дека тој лично ќе се заземе за оваа ситуација.

Ви поверувавме, за што бевме жестоко критикувани. Го почитувавме изборниот циклус да се прават тензии, зашто сепак веруваме во легализмот. Рековте оставете до 5-ти мај, еве веќе е 10-ти на, а работите на минарето продолжуваат. Зарем важат едни закони за едни, други за други, додаде тој.

Побараа брза и ефектна одлука од страна на премиерот и да не се заборави фактот дека здружението предложило местото да биде меморијален центар на културите.

Здружението „Совест“ испратило допис до Инспекцискиот совет, но од нив одговор нема.

Претходно Управата за заштита на културно наследство донеса забрана за градежни активности, додека од Државниот градежен инспекторат добиле одговор дека не е издаден налог за запирање на градежните работи, но, како што нагласија, без никакво образложение.