Здружението „Стар Лагадин” бара да сопре изградбата на хотелот во Лагадин

Здружението „Стар Лагадин“ одржа средба со премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за текот на разговорите во врска со урбанистичките проблеми на Охридското крајбрежје, кај селото Лагадин. На средбата била истакната заложбата во борба против неправилностите во изградбата на објекти долж Охридското крајбрежје во зачувување на природната уникатност и биодиверзитетот на Охридското езеро и културното наследство на овој регион, заштитено од УНЕСКО.

Ги цениме напорите на премиерот и министерот да изнајдат решение за ставање на општиот акт за село Лагадин вон употреба, односно да не се постапува по Општиот акт за сите започнати, одобрени и потенцијални барања чија основа бил/е Општиот акт сé до донесување на Детален урбанистички план за село Лагадин. Воедно, го цениме и напорот во изнаоѓање на решение објектот „Хотелски комплекс Лагадин” да биде отстранет, срушен, поради прекршување на повеќе законски регулативи споменати во Извештајот на Државниот градежен инспекторат по координативната ревизија на објектот од 27.01.2017 година, се наведува во соопштението.

Здружението „Стар Лагадин” останува на своите определби за заштита на урбанистичкиот интегритет, животната средина и одржливиот развој на село Лагадин и на севкупното Охридско крајбрежје.

Отворени сме да го поддржиме новиот Детален урбанистички План за село Лагадин кој би ги задоволувал сите урбанистички, градежни и еколошки регулативи. Своите понатамошни активности здружението ќе ги конципира во зависност од мерките кои ќе ги преземат надлежните институции, пред се надлежното министерство и Општината Охрид, во однос на ставање на Општиот акт за село Лагадин вон употреба и рушење на неправно изградениот хотелски комплекс Лагадин во село Лагадин, се додава во соопштението.