Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ: Дали Петковски потврди дека банката е турната во стечај без потреба?!

Што научивме од телевизиското соочување на дел од главните виновници за сторениот криминал како главна причина за пропаѓањето на Еуростандард банка (ЕСБ)!? Освен за Трифун Костовски кој повторно децидно и недвосмислено јавно ја призна вината и одговорноста за сторениот криминал во банката и спремноста да одговара за истиот кога ќе биде повикан од надлежните органи, на телевизиската дебата се појави и Николче Петковски, уште еден од главните виновници и диригенти на злоупотребите и криминалните активности во банката, велат во денешното соопштение за јавноста од Здружението на оштетените штедачи на ЕСБ.

Оштетените штедачи посочуваат дека токму изјавите на Петковски, кој речиси цела деценија беше на чело на Управниот одбор на банката, укажуваат дека извештајот за состојбата на банката не соодветствува со реалната ситуација.

„Како претседател на Управниот одбор во времетраење од околу десетина години, време во кое во банката се вршеле најголемите измами и сомнителни зделки преку делење непокриени кредити во стотици илјади до милионски суми во евра, овој човек на дебатата ја убедуваше јавноста дека во банката има повеќе пари од сумата што е потребна за намирување на сите доверители. Според неговите лични математики вишокот е околу 12 милиони евра. Со ваквото тврдење Николче Петковски го прогласи за невалиден и далеку од реален извештајот за состојбата на банката на стечајниот управник и неговиот тим во којшто се утврдени ненаплатливи и тешко наплатливи кредити од неполни 60 милиони евра, сопственикот на пропаднатата банка кој се прашува каде се парите кои не може да се видат, па сѐ до одлуката на Народна банка којашто според тврдењата на поранешниот директор по сѐ изгледа ја затвори банката без потреба“, велат од Здружението.

Според нив, очигледно е дека и изјавата на Арафат Муареми, директорот на финансиската полиција, дека во предистражната постапка има основани индикации за сторени злоупотреби и криминал во банката, не се доволни за „манипулативните“ тврдења на Николче Петковски дека состојбата со активата во банката е „повеќе од добра“ и „задоволителна“ за да се намират доверителите.

„Во таа смисла е и неговото јавно признание дека милионски кредит во евра даден на фирмата на неговиот вујко не е исплатен во целост а тоа што се смета за исплатено во банката се всушност краткорочни позајмици на банката дадени преку фирмата на неговиот вујко на други фирми кои сервисирале обврски. Согласно изјавата на сопственикот Костовски, Николче Петковски ја користел фирмата на неговиот вујко за трансфер на поделените пари до избраните фирми. Само оваа изјава треба да биде доволно објаснување како пример за големината на злоупотребите што се правени во банката со години“, констатираат оштетените штедачи.

Притоа прашуваат и дали ова јавно изречено тврдење на поранешниот директор на банката ќе биде доволно за да се прошири истрагата на институциите за матните комбинации на трансфери на пари во банката!?

„Дали институциите прземаа некаква постапка за санкционирање на активностите преполни со неправилности и злоупотреби направени во банката во времето кога Николче Петковски бил прв човек во Управниот одбор? Воедно, дали му е одземена и лиценцата за работа и ако не, зошто Народна банка му дозволила да ги прави сите тие малверзации и злоупотреби со години?“, велат од Здружението на оштетените штедачи.

Според нив, многу е јасно дека поранешниот директор, како и сопствениците на пропаднатата банка, се во лагодна состојбам бидејќи уживаат со нивните пари кои ги заработиле од нечесните зделки со делените непокриени кредити на избраните фирми и не чувствуваат тежина за проневерата и вина за измамата.

„Секако, целата таа грижа и агонија останува на оние 700 физички лица и 2.000 фирми депоненти во банката кои ги изгубија своите лични средства а кои се прелеани и споделени во разни џебови. Тие остануваат да се прашуваат каде се завршија нивните пари. Вистината е блиску на дофат иако можеби навидум не изгледа така. Полека но сигурно клопчето почна да се одмотува. Вистината мора да се открие, крадците да одговараат кривично и материјално а нашите пари да ни се вратат“, велат од Здружението и порачуваат дека ќе ја продолжат борбата за „вистината и правдата!“.