Здружението „Рурална коалиција“ во Кичево одржа предавање на првачиња по повод „1 јуни – Меѓународниот ден на децата“

По повод „1 јуни – Меѓународниот ден на децата“, здружението Рурална Коалиција одржа едукативно предавање на тема „Животот на село“, каде што учениците од прво одделение во основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ имаа можност да се запознаат со основните поими поврзани со животот на село, развојот на селските средини и производството на чиста и здрава храна.

Целта на предавањето, според здружението, е децата уште од најмала возраст да се запознаат со условите и начинот на живот во селата и руралните средини и да добијат јасна слика за потребата од нивно зачувување, но и потребата од производство на чиста и здрава храна за која што нашето поднебје нуди идеални услови.

– Во текот на предавањето исто така беа споменати и различните занаети кои што може да се развиваат и негуваат во руралните средини како што е грнчарството, производството и преработката на земјоделски производи (овошје и зеленчук), но и производството на ајвар, слатко, џем кои што особено се омилени кај децата. Едукативното предавање даде осврт и на сите активности кои што може да се практикуваат во селата и во природата, како и на подготовката на традиционалните јадења од страна на нашите баби, што пак е и главната асоцијација за нашите селски предели, велат од здружението Рурална Коалиција

Едукативното предавање е една од активностите кои што основното училиште и Рурална Коалиција ги реализираат заедно во рамките на потпишаниот меморандум за соработка, а во насока на промоција и зачувување на домашното и автентично производство на храна, но и мотивација на децата за вршење на бројни други активности во село кои што се особено важни за развојот на руралните средини.

– Ваквите предавања се насочени кон развивање на свеста кај децата уште од најмали нозе за значењето на производството на храна, но и потребата од вложување и развој на руралните средини како идни генерации кои што може да ги изберат токму селата и професиите поврзани со руралниот развој, па и да ги селата како места за нивно живеење и создавање на семејство заради предностите кои што ги имаат овие места, а кои што стануваат се повеќе атрактивни и во светски рамки, истакна Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Од здружението информираат дека предавањето е реализирано како дел од годишната програма за работа на Рурална Коалиција која што е финансисирана со институционален грант во програмата на Цивика мобилитас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.