Зекири: Ќе ги поразиме ДУИ, како што ги поразивме ВМРО-ДПМНЕ

Како што беа поразени ВМРО-ДПМНЕ, така и ДУИ ќе бидат поразени на овие избори, доста е со минатото, време е да гледаме во иднината, рече потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник во Изборната единица 2, Мухамед Зекири на граѓанската трибина на караванот „Можеме“ во Куманово, заедно со лидерот на СДСМ Зоран Заев и носителите на пратеничката листа, Оливер Спасовски и Сања Лукаревска.

„Ние направивме исчекор, дел од нашата коалиција се сите етнички заедници, но новост е коалицијата со движењето Беса, што е етничка албанска партија, со која заедно настапивме искрено пред граѓаните и сите го препознаваат тоа. На ова раководство на СДСМ, особено на претседателот Заев некој да кажува дека има предрасуди кон Албанците, е срамно и дегутантно, да се слуша, бидејќи Заев веруваше во концептот едно општество за сите и од кога сме на власт не се случила ни една етничка тензија тоа граѓаните го знаат. Повторно сакаат да ги вратат етничките теми, но граѓаните тоа нема да го дозволат, зашто ние во 2016 од раб на граѓанска војна ја доведовме државата да биде почитувана во светот, членка на НАТО, затоа што можеме уште повеќе, уште подобро“, рече Зекири.

Зекири се појавува првпат во јавноста откако оздраве по заразата со Ковид-19.