Зелена градина на ГТЦ или кич и профитерство?!

Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија засега молчат, велат сѐ уште немаат доволно информации, а кога ќе имаат, ќе дадат соопштение за медиумите.

Бројни контроверзии се залепија за Градскиот трговски центар изминативе години. Ова архитектонско дело, наследство на македонската модерна архитектура, беше „гушкано“, спасувано од барокен изглед додека суштински има потреба од вистинска и темелна реконструкција, бидејќи пропаѓа, со празни и прокиснати дуќани и посетители кои најчесто го користат само како коридор за минување.

Последниот план за афирмирање на ГТЦ, е идејата на градските власти да облагородат дел од покривот на објектот, со поставување на зелена градина. Меѓутоа, проектот за зелената градина, не се пречека со отворени раце, особено од стручната фела, која веднаш ја повика градската власт да го повлече „тајното“ идејно решение и да распишат конкурс за ново.

Неформалната група на архитекти „Прва архи бригада“, веднаш излезе со став „Градот да го отфрли ова крајно несоодветно идејно решение за зелена кровна тераса на ГТЦ (видете ѕидарија, базени како баптистериуми…?!?) Бараме да се распише КОНКУРС на кој стручна комисија и претставници на граѓаните ќе ја одберат најдобрата варијанта за ГТЦ! Конечно нешто соодветно за 21 век и за ГТЦ!“

Другите реакции на социјалните мрежи се во насока: „Може ли една работа во државава да се направи како што треба? Не знам од кај да фатам со критика на овој покрив кој поминал покрај зелен. Сѐ само за политички поени, и секако за нечиј профит…“.

На ГТЦ му треба вистински зелен покрив- голема зелена тревна површина, отворен ЈАВЕН простор кој ќе дише…Доста ни е од настрешници, фолии, кафичи-пушални, ѕидчиња, павер елементи, кич-фонтанчиња, профитерство!

Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија засега молчат, велат сѐ уште немаат доволно информации, а кога ќе имаат, ќе дадат соопштение за медиумите.

Од Градот, пак, со став дека зелениот покрив бил предизборно ветување, а целиот процес се одвивал во транспарентна постапка.

Изградбата на зелен покрив на ГТЦ е еден од проектите за враќање на загубеното зеленило во Малиот ринг во Скопје, како и проект кој ќе придонесе и за намалување на температурата во централното градско подрачје преку намалување на ефектот на урбаните топлински острови, подобрување на квалитетот на воздухот и управувањето со врнежите. Зелениот покрив на ГТЦ беше предизборно ветување на градоначалникот Шилегов и барање на голем број организации, активисти и посетители на трговскиот. Процесот се водеше според важечките правила за јавни набавки на УНДП согласно договорот меѓу УНДП и градот, како и согласно меморандумот за соработка со АД ГТЦ, велат од Градот.

Проектот е изработен од компанијата „Дом дизајн“, по нарачка на управата на ГТЦ, а пари за негова реализација треба да обезбеди Градот Скопје.
Изборот на изведувач се одвивал преку УНДП бидејќи проектот е дел од нивната иницијатива за справување со топлотните острови во Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.