Зелено светло за задолжувањата кај ММФ од 530 милиони евра и за 20 милиони евра од Светска банка

Собранието денеска го усвои Предлог-законот со кој на РС Македонија ќе и стојат на располагање 530 милиони евра средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, како и уште 20 милиони евра според усвоениот Закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии.

Законот предвидува РСМ да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тие се за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството во претстојната зима.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Меѓународниот монетарен фонд, со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација, кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици.
Одборот на ММФ средствата треба да ги одобри до крајот на овој месец и е предвидено да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот од средствата. Каматната стапка по која се обезбедуваат средствата во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %.

Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ во денешната расправа по предлог законот за задолжување кај ММФ, истакна дека ќе гласаат воздржано затоа што со него повторно се зголемува долгот на земјата. „Вакви кредити од ММФ земаат само Мароко, Панама и Македонија, рече Стојановски, кој ја обвини власта дека ништо не направила за граѓаните додека се на власт. Пратеникот повика на одржување парламентарни избор како излез од ситуацијата.

Пратеникот Панчо Минов му реплицираше на Стојановски посочувајќи дека сумата од 530 милиони евра е вкупна рамка на можни повлекувања на средства, додека првичните рамка е 84 милиони, додека 181 наредниот пат по првиот преглед за реализација на средствата од страна на ММФ. – Другите пари се резерва, рече Минов.