Зеленски: Ако падне Бахмут ќе бидам принуден на компромис со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот предупреди дека доколку неговата нација не победи во клучниот град Бахмут, тогаш тој би можел да биде принуден да направи компромис со Владимир Путин.

– Доколку Бахмут падне во рацете на руските сили, нивниот претседател Владимир Путин ќе му го продаде ова како победа на Западот, на своето општество, на Кина, на Иран – рече Зеленски во ексклузивното интервју за Асошиејтед прес.

– Нашето општество ќе се чувствува уморно. Нашето општество ќе ме принуди да направам компромис со него – додава тој потсетувајќи дека Русија би можела да добие меѓународна поддршка за ваков договор.

– Ако (Путин) почувствува малку крв, ако намириса дека сме слаби, тој ќе турка, ќе турка, ќе турка – рече Зеленски на англиски во интервјуто дадено во воз со кој се возеше низ Украина до градовите каде се бијат битки на фронтот.

Зеленски ретко патува со новинари, а од неговиот кабинет соопштиле дека двоноќното патување со воз на АП со него било најобемно од почетокот на војната.

Претходно, Зеленски го покани кинескиот претседател Си Џинпинг да ја посети Украина за да зборуваат за можното решение за крај на војната. Кинеското Министерство за надворешни работи рече дека нема информации за таква потенцијална средба.