Зеленски бил спремен да поднесе оставка на почетокот од војната, пишува WP

Украинскиот претседател Владимир Зеленски немал против да поднесе оставка на должноста или да го напушти Киев, доколку тоа би помогнало да се запрат руските воени дејствија во Украина, пишува во средата американскиот дневен весник а The Washington Post, повикувајќи се на самиот Зеленски, како и на украински и западни функционери.

„Не се обидувам да се задржам на власт. Доколку проблемот е само во моето заминување, и тоа би го прекинало крвопролевањето, тогаш сум за тоа. Ќе заминам веднаш. Влегов во политиката не за ова, и ќе заминам кога ќе кажете дека треба, ако тоа ја запре војната“, го цитира весникот Зеленски.

Во написот се наведува дека, исто така, Зеленски добивал сугестии од американски и европски функционери за неопходноста да се зачува континуитетот на власта. Во некои случаи, пак, му била нудена помош да ја напушти украинската престолнина, бидејќи некои претставници сметале дека со осигурување на неговата безбедност би спречил вакуум во власта.

Покрај тоа, Зеленски се сомневал дека некои од неговите соговорници едноставно сакале конфликтот да заврши колку е можно побрзо, а неговата администрација фактички да ѝ се предаде на Русија, се наведува натаму во написот на The Washington Post.

„Од сите кои ми се јавуваа, никој не веруваше дека ќе издржиме“, им рекол Зеленски на новинарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.