Зеленски го покани Кси Џинпинг да ја посети Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати покана до кинескиот претседател Кси Џинпинг да ја посети Украина, објави во средата Associated Press.

„Ние сме подготвени да го пречекаме овде“, рече Зеленски во интервју за новинската агенција.

Кси не разговарал со Зеленски од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, но Кина минатиот месец објави план од 12 точки за „политичко решение на украинската криза“.

Кси разговараше за конфликтот со неговиот „драг пријател“, рускиот претседател Владимир Путин, за време на државната посета на Москва минатата седмица, иако разговорите според оцените на западните политичари сојузници на Киев не покажаа напредок за тоа како да се стави крај на војната.

Кинескиот предлог вклучува повик за деескалација и прекин на огнот во Украина. Но САД го отфрлија предлогот, велејќи дека Кина нема кредибилитет затоа што одбива да ја осуди Русија за нејзината инвазија во Украина. Од Вашингтон, исто така, велат дека прекинот на огнот во овој момент ќе ги консолидира руските територијални придобивки и ќе ѝ даде на руската војска повеќе време да се прегрупира.

Украина го поздрави дипломатскиот ангажман на Кина, но Зеленски рече дека ќе ги разгледа мировните решенија само откако руските трупи ќе ја напуштат украинската територија.