Зеленски го предложи Сибиха за нов украински министер за надворешни работи

Во четвртокот, претседателот Володимир Зеленски побара од парламентот да го потврди заменикот министер за надворешни работи Андриј Сибиха за нов министер за надворешни работи на Украина, во критичниот момент од војната со Русија.

Назначувањето на Андриј Сибиха, кое се очекува да биде одобрено од парламентот подоцна во четвртокот, е дел од најголемата реконструкција на украинската влада од почетокот на војната во февруари 2022 година, при што Зеленски рече дека на земјата ѝ треба „нова енергија“.

Парламентот веќе ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба. Во последните два дена беа прифатени и оставките на двајца вицепремиери и неколку министри.

Сибиха работеше во кабинетот на Зеленски неколку години, надгледувајќи ги надворешната политика и стратешките партнерства.

Аналитичарите велат дека не очекуваат промени во надворешната политика на Украина. За време на војната со Русија, министерот за надворешни работи честопати беше втора виолина по кабинетот на претседателот за многу клучни прашања од надворешната политика.

Парламентот се очекува во четвртокот да назначи уште осум нови министри како дел од реструктуирањето на владата.

Зеленски ќе отпатува во САД на крајот од овој месец за да му го претстави својот „победнички план“ на претседателот Џо Бајден, клучниот сојузник. Тој, исто така, во петокот ќе учествува на состанокот на групата земји Рамштајн што ја снабдува Украина со оружје, објави германскиот магазин Spiegel.

Зеленски во неколку наврати ги повика сојузниците да ги укинат рестрикциите што му забрануваат на Киев да го користи оружјето со кое западните земји го снабдуваат, за удари длабоко на територијата на Русија.

Руските сили полека напредуваат на исток и ги засилија своите ракетни и беспилотни напади врз Киев и други украински градови далеку од првите линии на фронтот, погодувајќи го енергетскиот сектор и друга инфраструктура во речиси секојдневните напади.