Зеленски исклучува преговори доколку се одржат референдуми за присоединување на Русија

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во вообичаеното ноќно обраќања на социјалните мрежи во неделата изјави дека преговорите со Русија нема да бидат возможни доколку се одржат референдумите за присоединување на Руската Федерација како што најавуваат властите во некои од украинските југоисточни региони доминантно населени со руско и рускојазично население.

Сепаратистичките проруски сили помогнати од руските единици во моментов ја контролираат речиси целата територија на историската југоисточна област Донбас, која имаше клучна улога во украинската економија и удел во бруто домашниот производ.

Тамошните привремено воено-административните власти веќе неколку месеци најавуваат дека би сакале да одржат референдуми за придружување на Руската Федерација, по примерот на црноморскиот полуостров Крим. Тамошната доминантна руска заедница по превратот во Киев во март 2014 година одржа два референдума со кои ја врати автономијата укината во 1990 година по осамостојувањето на Украина од поранешниот СССР и изгласа враќање во составот на Русија од чија територија е административно одвоен во 1954 година. Западот и Украина тоа го сметаат за нелегална руска анексија на украинска територија.

Во своето прекуноќно обраќање, Зеленски рече дека Киев е истраен на својот став дека нема да ѝ препушти на Русија ниту педа украинска територија.

„Позицијата на нашата земја останува онаква каква што секогаш беше. Нема да се откажеме од ништо што е наше. Доколку окупаторите тргнат по патот на псевдо-референдуми, ќе ги скратат сите шанси за преговори со Украина и слободниот свет, кој на руската страна очигледно во некој момент ќе ѝ бидат потребни“, рече Зеленски.

Руските и украинските делегации одржаа неколку кругови од мировните преговори, започнати само неколку дена по почетокот на руската воена инвазија. Директните преговори меѓу Киев и Москва имаа добар развој до 29-ти март до средбата во Истанбул, кога беше најавена и можна средба на двата претседатела. Но потоа мировните преговори нагло замреа, а како што забележуваат и некои украински медиуми, тоа се случува веднаш по ненадејната посета на Киев на британскиот премиер Борис Џонсон.

Но шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушогли уште кон средината на април во разговор за CNN рече дека мирното решение на војната во Украина го спречуваат „некои земји во НАТО“, кои посакуваат војната што подолго да трае за Воено и економски да ја истошти Русија.

Коментаторот на The New York Times, Дејвид Сангер, во почетокот на мај пишувапе дека противници на мировен договор за Украина се и САД пишувајќи дека „кога министерот за одбрана Лојд Остин на крајот од тајната посета на Украина изјави дека целта на Америка е да ја види Русија толку ослабена да повеќе нема моќ да напаѓа соседба држава, ја призна трансфорамцијата на судирот од битка за контрола над Украина до онаа во која Вашингтон подиректно се спротиставува на Москва“.