Зеленски: Одлуката на Канада да ја врати турбината е опасна

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, одлуката на Канада да ја врати руската турбина за гасоводот Северен поток 1 во Германија ја оцени како опасна. Во видео обраќањето, Зеленски потсети дека украинското Министерство за надворешни работи повикало претставник на Канада поради, како што смета, апсолутно неприфатливото исклучување од режимот на санкции против Русија.

Зеленски смета дека тоа е всушност трансфер во Русија и ова е многу опасно прашање, не само за Украина, туку и за сите земји од демократскиот свет.

Зеленски тврди дека одлуката за изземање од санкции во Москва ќе биде сфатена исклучиво како знак на слабост и дека сега нема сомнеж дека Русија ќе се обиде не само да го ограничи колку што е можно, туку и целосно да ја запре испораката на гас за Европа на најкритичниот момент.

Претседателот на Украина додава дека се уште е можно да се преиспита одлуката за турбината.

Канада претходно соопшти дека ќе го одобри укинувањето на санкциите за враќање на поправените руски турбини во Германија, бидејќи тие му се потребни на Газпром за да продолжи да работи гасоводот Северен поток 1.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.