Зеленски побарал од Бајден „што поскоро“ да дојде во Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски побарал од неговиот американски колега по должност Џо Бајден во телефонскиот разговор во неделата „што е можно поскоро да ја посети Украина“, пренесува телевизиската мрежа CNN повикувајќи се на владини извори во Киев.

Според телевизијата, украинскиот претседател побарал од американскиот челник и „дополнителна напредна финансиска и воена поддршка“. Истовремено, CNN повикувајќи се на неименуван американски функционери, тврди дека посетата на Бајден на Киев во скоро време е „малку веројатна“.

Претходно во неделата беше објавено дека Бајден на Зеленски му рекол дека „слободно може да смета“ на поддршката на САД во зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Бајден му рекол на Зеленски дека САД и нивните партнери и сојузници промптоно ќе одговорат на секаква агресија од страна на Русија кон Украина, наведува Белата куќа во соопштение по телефонскиот разговор.

„Двајцата претседатели се согласија дека е важно да се продолжи со дипломатијата и убедувањата како одговор на руското воено јакнење покрај границата на Украина“, објави Белата куќа.

Телефонскиот разговор на американскиот и рускиот претседател следеше ден откако, исто така телефонски разговараа Бајден и рускиот претседател Владимир Путин. Станува збор за продолжување на интензивните дипломатски настојувања да се спречи вооружен судир меѓу Русија и Украина.

Во неколкуте преговарачки рунди изминатите неколку дена не е постигнат напредок кон решение на украинската криза, која на Западот се опишува како една од најопасните од крајот на блоковската идеолошка Стидена војна пред речиси четири децении.

САД подолг период предупредуваат дека стравуваат од „иманентна“ руска инвазија, и дека според последните американски сознанија повеќе од 130.000 руски војници се во близина на украинските граници, дека Русија одржува големи воени маневри во Белорусија и во Црното Море, дефакто опкружувајќи ја Украина.