Зеленски потврди дека ситуацијата во Бахмут е сѐ потешка

Украинскиот претседател Володомир Зеленски призна во вообичаеното ноќно обраќање во понеделникот дека ситуација во околината на и во утврдениот град Бахмут на границата на одметнатиот проруски регион Доњецк, е сѐ потешка.

„Ситуацијата станува сѐ потешка. Непријателот систематски разорува сѐ што може да се употреби за заштита на нашите позиции“, рече Зеленски во видео-обраќањето нарекувајќи ги украинските војници кои учествуваат во битката „вистински јунаци“.

Руските сили го опколија Бахмут, а единиците на приватната воена компанија „Вагнер“ објавија дека во градот кој пред војната имаше околу 70.000 жители се водат жестоки улични борби и оти нивните позиции се на километар од центарот.

Руските и воените аналитичари го поставуваа прашањето зошто руските сили не го заземаат единствениот пат кој се користи за снабдување на украинските сили во Бахмут, а лидерот на проруските сили од Доњецк, Денис Пушилин, вечерта во понеделникот за телевизиите изјави дека сите пристапни правци кон градот кој на руски се нарекува Артјемовск се „на дострел на оружјето“ на неговите сили.

„Сите патишта кои водат до градот се под огнена контрола на руските сили, но Киев сѐ уште не е подготвен да го предаде. Во оваа мелница за месо украинскиот режим продолжува да ја меле својата војска“, рече Пушилин.

Во понеделникот украинските медиуми пренесоа извештај на еден од командантите на украинските единици во Бахмут, кого го именуваат како „Магјар“, за тешката ситуација во градот од сите насоки.

Западните воени аналитичари во последно време го минимизираат стратешкото значење на Бахмут, иако станува збор за јазол од кој се отвора патот и кон северот на фронтот и кон централна Украина. Но има и такви коишто предупредуваат дека во борбите за градот украинската војска загубила премногу припадници од своите борбено најподготвени единици, потсетувајќи дека САД уште пред два месеца го советуваа Зеленски да ги повлече тие единици од Бахмут и да ги сочува за најавената пролетна офанзива.

Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.