Зеленски: Повеќето украински региони се без струја

Повеќето региони во Украина во четвртокот ноќта се погодени со прекини во снабдување со електрична енергија по новото руско масивно ракетирање чијашто цел повторно беше енергетската инфраструктура, изјави во редовното прекуноќно обраќање украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Вечерва нема струја во поголемиот дел од Украина. Особено е тешко во регионот Киев и во самиот главен град, во регионот Л’вов, во Одеса, во Херсон и околината, во Виница и во Закарпатие“, рече Зеленски во објавата на социјалните мрежи.

Руските сили истрелаа во четвртокот десетици проектили кон украинските градови Киев, Харков и Л’вов на западот, кон Одеса и Запшорожје на југот и други поголеми градови ширум земјата, каде што има важни командни центри и поголеми единици на украинската војска и, како што се тврди во Москва, странски инструктори.

Нападот започна во 7 часот наутро по локално време во четвртокот. Сирените за воздушна тревога се слушаа низ цела Украина, а во Киев се огласуваа цели пет часови, што спаѓа меѓу најдолгите периоди на узбуна во оваа војна. Вечерта украинските медиуми објавија дека повторно во некои градови се огласиле системите за тревога од воздушна опасност.

Украинските власти претходно објавија дека во четврточниот напад врз Украина се истрелани повеќе од 120 проектили.