Зеленски повторно бара модерни системи за противракетна одбрана

Украинскиот претседател Владимир Зеленски го повтори својот повик за натамошна испорака на оружје од Западот особено модерни системи за противракетна одбрана за одбрана на украинските градови, кои инаку лесно се адаптираат во офанзивно оружје, додека на западот сѐ погласни се прашањата каде завршуваат илјадниците тони оружје испорачани на Киев само изминатите четири месеци.

„Да се биде во состојба да се одбрани земјата од руските ракетни напади пред крајот на годината е клучната задача на украинското водство. Но исполнувањето на оваа задача не зависи само од нас, туку и од тоа нашите партнери да ги сфатат нашите основни потреби“, рече Зеленски во вообичаеното ноќно обраќање кон средата.

Украинскиот претседател рече и дека иако веќе подолг период во главниот град Киев и во други поголеми градови не се слушнале сирените за воздушна тревога, „не треба да се бара логика во акциите на терористите“.

„Руската војска не прави паузи. Руската војска имаше само една задача. Да се одземаат животи, да се заплашуваат луѓето, така што и неколкуте денови без воздушна тревога веќе се чувствува како дел од теророт“, нејасно тврди Зеленски.

Истовремено со објавата на Зеленски со којашто бара дополнителни испораки на западно модерно оружје, директорот на украинското Биро за економска безбедност, Вадим Мелник за националната телевизија Украина 24, изјави дека неговата агенција идентификувала повторени случаи на продажба на хуманитарна помош којашто доаѓа од западните земји, како и продукти за воена намена, без да прецизира за каква опрема станува збор.

Според украинскиот функционер, Бирото ги истражува случаите поврзани со хуманитарна помош, дали е продавана за пари.

„Дури и стоки со воена намена се продаваат за готовина. Ние утврдивме такви факти“, изјави Мелник.

Агенцијата отворила десеттина такви кривични дела, меѓутоа, како што истакна Мелник, тоа не е конечната бројка такви криминали, бидејќи другите украински служби регистрирале слични прекршоци.

На крајот од јуни, американскиот доброволец Енди Хјун, кој дошол да се бори на страната на украинските сили и бил заробен пред руските медиуми изјави дека бил сведок на корупција и неспособност на украинската висока команда, како и дека странските борци биле слабо опремени, и оти поголемиот дел од опремата која им била дадена била во лоша состојба.

Претходно на почетокот на јуни, челникот на меѓународната полициска асоцијација Интерпол, Јирген Шток во разговор за британски The Guardian, изјави дека стравува оти западното оружје испратено во Украина по руската инвазија ќе влезе во тековите на глобалната сива економија и во рацете на криминалците.

Шток верува дека особено кога војната ќе заврши, тешкото вооружување ќе го преплави меѓународниот црн пазар на оружје, и ги повика земјите членки на Интерпол, особено оние кои му испорачуваат оружје на Киев да соработуваат во следењето на пратките.

„Штом оружјето ќе замолкне во Украина, ќе се појави нелегалното оружје. Тоа го знаеме од многуте други подрачја на конфликти. Криминалците, дури и сега додека зборуваме, се фокусирани на тоа“, рече Шток.

Рече дека ги повикал земјите кои доставуваат оружје да ја користат базата за податоци, за да помогнат во следењето на оружјето.

„Во контакт сме со земјите членки за да ги охрабриме да ги користат овие алатки. Криминалците се заинтересирани за сите видови оружје.. главно секое оружје кое лесно може да се носи и да се користи за криминални цели“, рече Шток.