Зеленски: Русија е терористичка држава, зошто е во Советот за безбедност

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ноќта кон четвртокот преку видео-врска се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации, барајќи одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност на светската организација, наметнување дополнителни санкции, ограничување на цените на руските енергенси и основање суд за злосторствата сторени во нападот на неговата земја.

„Злосторство се спроведува против Украина и ние бараме праведна казна“, рече Зеленски во текот на своето получасовно обраќање преку линк. Побара казна против Русија за „злосторство на агресија, убивања и мачења луѓе, за повреда на украинските граници и нејзиниот територијален интегритет“.

Ја истакна потребата од блокирање на трговските односи со Русија и нејзина изолација. Повика и одземање на правото на глас на Русија во меѓународните организации, како и на нејзиното право на вето во Советот за безбедност на ОН.

Повика и на ограничување на цените по кои Русија ги извезува нафтата и гасот, оценувајќи дека енергенсите станале „руско оружје со кое манипулира на пазарот“.

„Украина бара казна за убиствата на илјадници луѓе, мачења и понижување на своите жители, како и за катастрофалните турбуленции кои Русија ги предизвика со војната“, изјави украинскиот претседател додавајќи дека зборува во името на државата која е принудена на самоодбрана.

Порана и дека Украина не ја предизвикала војната, дека наводно одржала 88 рунди преговори во разни формати за да ја спречи и истакна дека Русија ќе биде присилена да ја заврши војната која ја започна. Зеленски притоа не ги спомена мировните договори од Минск од 2014 и 2015-та година, на кои гаранти беа и Германија и Франција, а со кои на одметнатите доминантно руски и рускојазични региони Луганск и Доњецк им се гарантираше широка автономија.

Зеленски им се заблагодари на 101-та земја која со гласање овозможиле да се обрати во ОН, и ги наведе седумте земји кои гласале против – Куба, Белорусија, Северна Кореја, Еритреја, Никарагва, Русија и Сирија.

„Ние и покрај војната, решивме да им пружиме хуманитарна помош на Етиопија и Сомалија. Ќе им испратиме жито. Но тоа е сѐ потешко. Русите го ракетираа нуклеарниот реактор на југот на земјата, пред оваа седница“, тврдеше неповрзано Зеленски.

Според меѓународните извори, од досега повеќе од осумдесет бродови со житарки кои според договорот под покровителство на ОН испловија од украинските црноморски пристаништа, само два како крајни дестинации ги имале сиромашните земји, додека сите други завршиле на западниот пазар.

 

Казна за обидот да се украде територија на Украина

„Зборувам во името на држава која се брани. Сакам да откријам како е можно да се постигне мир. Не само за нас, туку за сите кои ќе се најдат во слични околности, Тоа е формула која го казнува злосторството и ги почитува животот и територијалниот интегритет“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател истакна дека тој сака мир, но дека постои еден ентитет кој сака само војна, без притоа да ја именува Русија.

„Никој повеќе нема да нѐ гледа како слаби. Ние имаме резултати во оваа борба, и гледаме каков ќе биде крајот на оваа борба. Повелбата на ОН декларира еднаквост на народите, и ние сме еднакви меѓу еднаквите. Повелбата, исто така, декларира неповредливост на границите, и ние тоа го почитуваме со исфрлање на окупаторот од нашата земја“, продолжи Зеленски.

Повтори дека Украина не ја предизвикала војната и дека од почетокот на неговиот мандат остварила многу разговори, но повторно без да наведе со кого разговарал за решавање на досега граѓанската војна во Донбас.

„Но Русија ја започна војната и ние немаме избор освен да се браниме. Ќе го отфрлиме агресорот до меѓународно признатите граници. И бараме казна за агресијата, повредувањето на нашите граници и територијалниот интегритет“, додаде претседателот на Украина.

Зеленски зборуваше и за масовни гробници и запраша зошто „Русите се опседнати со кастрации“.

„Единственото што се разликува во Изјум и во Буча, е тоа што убиените во Изјум се погребани, Русите таму беа подолго, па имале време да ги закопаат мртвите“, тврдеше Зеленски.

Рече дека Русија го лаже целиот свет и дека не сака никакви преговори. Последните инаку се одржаа кон крајот на од март во Истанбул кога беше објавено дека дошло до голем напредок и веројатен договор, според Турција како нивен покровител, но веќе на почетокот од април тие замреа по ненадејните посети на Киев на американскиот министер за одбрана Лојд Остин и тогашниот британски премиер Борис Џонсон.

Зеленски тврдеше во ОН дека Русија сака да ја мине зимата на украинска територија а потоа да започне нова офанзива.

„Или барем да се вкопаат, па да спроведат мобилизација. Не смееме да се согласиме на продолжена војна, зашто тоа ќе биде уште ‘пожешко’. Потребни ни се оружје и муниција. Оружје со долг дострел ќе ни помогне да ја ослободиме нашата земја“, рече украинскиот челник.

Нафрлајќи тема по тема, дури и за такви какви што се гранатирањето на затворот Еленовка во Доњецк кога загинаа 50 украински воени заробеници за кои ја обвини Русија, иако меѓународната инспекција на местото сѐ уште не се изјаснува, Зеленски рече дека „дојде времето да се преземат решителни чекори“,

„Сега се закануваат со нуклеарно оружје. Важно е да се каже, Русија е земја која е спонзор на тероризмот“, додаде Зеленски.

Украинскиот претседател го следеше наративот на неговите западни сојузници кои тврдат дека рускиот претседател Владимир Путин се заканил со нуклеарниот арсенал кога претходно во средата порача дека Русија има доволно оружје и дека интегритетот на својата територија – по објавите на Западот за планови за поделба на руската територија по воениот пораз во Украина – ќе го брани со сите расположливи средства.

Заленски се запраша зошто Русија и натаму е членка на Советот за безбедност на ОН.

„Тие зборуваат за преговори а спроведуваат мобилизација и псевдо-референдуми. Русија сака војна, но Русија нема да биде способна да го запре текот на историјата. Човештвото е посилно од една терористичка држава. До мир нема да се дојде освен под украински услови“, рече Зеленски.