Зеленски, се чини, го призна падот на Бахмут

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, се чини, дека во неделата ја потврди загубата на источниот град Бахмут одговарајќи на прашањето дали градот сè уште е под контрола на силите Киев, велејќи дека градот е „само во нашите срца денеска“, пренесува Reuters.

Запрашан во Хирошима пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден, на маргините на самитот Г7, дали украинските сили сè уште даваат отпор во Бахмут или дали руските сили го зазеле градот, Зеленски бил нејасен, а потоа рекол: „Морате да разберете дека веќе нема ништо (таму)“.

„Денеска Бахмут е сè уште само во нашите срца“, рекол украинскиот претседател.

Шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во саботата во видоа-објава соопшти дека неговите бориц целосно го освоиле источниот украински град, што, доколку е вистина, ќе го означи крајот на најдолгата и најкрвавата битка од 15-месечната војна.

Нападот на претежно срамнетиот град беше предводен од наемничките борци на „Вагнер“, чиј водач Пригожин претходно во саботата изјави дека неговите сили конечно ги потиснале Украинците од последната област во градот.

Киев претходно го отфрли тврдењето на Пригожин, кој рече и дека на 25-ти мај, неговите борци ќе се повлечат од Бахмут „поради одмор и прегрупирање“, а контролата над градот кој е на границата на доминатно населениот со руско и руско население југоисточен украински регион Доњецк, ќе ја предаде на руската војска.

Последните месеци западните воени аналитичари почнаа да ја минимизираат важноста на Бахмут, наспроти претходните нивни тврдења и тврдеа дека руската војска изгубила десетици војници во борбите за градот. Во март американскиот весник The Wall Street Journal објави дека украинските офицери признаваат дека во борбите со руските сили последните месеци кај Бахмут, еден од трите градови кои сѐ уште се под контрола на Киев во одметнатиот проруски источен регион Доњецк, тешки загуби претрпеле неколку од најобучените единици на украинската војска. Уште во декември американските медиуми пишува дека Вашингтон ги советувал украинскиот државен и воен врв да ги повлечат преостанатите единици од градот Бахмут и да ги сочуваат за долго планираната пролетна противофанзива. Сега, пак, во истите медиуми се коментира за наводна стратегија на украинскиот воен врв со која руските единици загубиле голем број војници.

Руските воени аналитичари наведуваат дека самите власти во Киев го претвориле Бахмут (Артемјовск, на руски) во еден симбол, што може да претставува нивна „трагична грешка“. Бахмут се наоѓа на 55 километри североисточно кон централна Украина од милионскиот град Доњецк, во северниот дел од истоимениот регион крај местото Горловка. Станува збор за важен логистички центар за украинската групација војски во целата област Донбас. Бахмут се наоѓа и на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.