Зеленски се врати во Украина по посетите на Рим, Берлин, Париз и Лондон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се врати во Украина по напорното патување за да добие поголема поддршка од сојузниците во Рим, Берлин, Париз и Лондон, јави ДПА.

„Се враќаме дома со нови одбранбени пакети: повеќе муниција, посилно оружје за фронтот, поголема заштита за нашиот народ, поголема политичка поддршка“, го сумираше патувањето 45-годишниот украински претседател во видео обраќање снимено денеска во воз.

Тој особено му се заблагодари на Берлин за новиот одбранбен пакет вреден 2,7 милијарди евра.

Зеленски нагласи дека за време на сите разговори одржани во Италија, Германија, Франција и Велика Британија, разговарал за неговата формула за мир, која вклучува целосно повлекување на руските војници од територијата на Украина.

Веќе има поголема поддршка за пристапот на Украина во ЕУ, рече Зеленски. – Има повеќе разбирање за влез во НАТО, тоа ќе дојде, тоа е неизбежно“, додаде тој.

Украинскиот претседател денеска го посети Лондон, вчера Берлин и Париз, а во саботата беше во Рим и Ватикан.

Зеленски вчера ја прими и престижната награда „Карло Велики“ во градот Ахен во западна Германија.

Киев веќе подолго од 14 месеци се брани од целосна руска инвазија со огромна помош од Западот. Веќе подолго време се очекува голема контраофанзива на Украина.