Зеленски, Шолц и Макрон ќе ја отворат Минхенската безбедносна конференција

Денеска почнува Минхенската безбедносна конференција со воведно видео обраќање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со говори на германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон.

Годишниот собир на високо ниво, кој се одржува во Баварија, јужна Германија, на кој се дискутира за клучните прашања за одбраната, е домаќин на претставници од 96 земји, јави ДПА.

Главниот фокус на конференцијата оваа година е руската војна против Украина, која се ближи до својата прва годишнина на 24 февруари. За прв пат по повеќе од 20 години, руското раководство не е покането.

Кристоф Хојсген, поранешен советник за надворешна политика на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, првпат оваа година претседава со конференцијата. Одлуката да не ја покани руската делегација ја оправда со тоа што не сака да им даде форум на рускиот претседател Владимир Путин и неговата влада за нивната пропаганда.

За разлика од претходните години, иранските лидери и претставниците на германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија исто така се исклучени од конференцијата.

Меѓу учесниците има 40 шефови на држави и влади и речиси 100 министри.

Меѓу високите функционери кои ќе одржат говор денеска се и највисокиот кинески претставник за надворешна политика Ванг Ји и американската потпретседателка Камала Харис.

Во моментов има високи тензии меѓу САД и Кина, откако САД соборија кинески балон над американскиот воздушен простор минатата недела.

Според ДПА, Шолц треба да разговара со Макрон и за српско-косовскиот конфликт.

Подоцна, двајцата треба да се сретнат со полскиот претседател Анджеј Дуда, во формат на дискусија стар 30 години познат како Вајмарски триаголник.