Зеленски: Ситуацијата е „особено жешка“ во Бахмут

Украинскиот претседател Володомир Зеленски во вообичаеното ноќно обраќање кон понеделникот изјави дека воената ситуација е „особено жешка“ околу утврдениот град Бахмут, за кој речиси половина година траат борбите.

Објавата на видеото на Зеленски дојде набрзо откако на Telegram каналот на компанијата „Конкорд“ беше објавен ноќна снимка од Бахмут (Артјомовск на руски) во која основачот на приватната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, вели дека неговите борци го истакнале руското знаме над управната зграда во центарот на градот.

Пригожин во видеото рече дека „Од правна гледна точка, Вахмут е заземен. Непријателот е концентриран само во западните делови“.

Украинските функционери, меѓутоа, во своите изјави не навестуваат дека Бахмут паднал под целосна контрола на руските сили, а агенцијата Reuters забележува дека и тврдат дека Пригожин порано давал изјави кои биле преуранети.

„Им благодарам на нашите војници кои се борат во Авдеевка, Марјанка и Бахмут. Особено во Бахмут. Таму е особено жешко“, рече Зеленски во ноќното обраќање.

Руските сили со месеци континуирано правеа минимални придвижувања дневно во обидот да го заземат градот кој пред војната имаше околу 70.000 жители, и исто толку украински војници чијашто цел е одбрана на командата на украинската армија за областа Донбас. Бахмут, како што покажуваат снимките објавувани и во украинските и во руските медиуми, како и на социјалните мрежи, е уште подобро утврден од големиот фабрички комплекс „Азовстал“ крај јужниот град Мариупол за кој руските војски исто талка водеа истоштувачки борби пред заземањето ланскиот мај.

Високи украински функционери претходно ја опишуваа ситуацијата околу Бахмут како „напната“, а воената команда ги разгледува внимателно сите потези.

Заменичката на министерот за одбрана Хана Малјар изјави дека украинските сили продолжуваат да ги бранат своите позиции и тврдеше дека наводно руските сили „не обраќаат доволно внимание на своите загуби“ додека напаѓаат.

„Ситуацијата во Бахмут останува напната… Но секоја воена одлука и секој чекор внимателно се одмеруваат… На преовладувачката ситуација одговараме соодветно, земајќи ги предвид сите околности, задачи и принципите на воената изводливост“, наведе Малјар во обраќањето на Telegram.

На почетокот од март претседателот Зеленски и украинскиот воен врв се согласија Бахмут да биде бранет по разногласијата околу тоа дали да се остане да се брани градот или да се заземат други одбранбени позиции во неговата заднина и сугестиите од западните сојузници да ги поштедат од загуби и да ги повлечат елитните единици од тој дел на фронтот.

Украинскиот воен аналитичар Олег Жданов потврди за Reuters дека борбите од пред извесно време го зафатиле центарот на градот. Според него, украинските сили одбиле 25 непријателски напади, но ја потврди информацијата на руското Министерство за одбрана од пред две седмици, дека руските трупи го заземале големиот утврден комплекс на металуршкиот концерн „АЗОМ“, кој украинските војски со денови го бранеа.

„Непријателот го напаѓа центарот на градот од север, исток и југ и се обидува да го преземе градот под своја целосна контрола. На некои места бевме успешни, а на некои места дури изведовме противнапади. Но непријателот повремено бележи успех имајќи ја предвид бројноста на своите сили и бројноста на дневните напади“, вели во подкастот на YouTube Жданов кој одржува контакти со украинските единици.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.