Зеленски: Стотина бродови со храна чекаат кај Босфор. Зошто? Поради руската блокада

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на отстранување на пречките во извозот на храна од Украина по морски пат во обраќањето на конференцијата на светските министри за земјоделство, а руската страна веднаш негираше дека е одговорна за застојот.

„Повеќе од стотина бродови кои превезуваат храна чекаат во ред кај Босфор“, кажа денес украинскиот претседател во видеопорака на меѓународната конференција на министрите за земјоделство во Берлин.

„Зошто? Затоа што им е потребна инспекција, а руските претставници ја блокираат. Бродовите се држат со недели“, додаде Зеленски оценувајќи дека тоа може да резултира со раст не цените на храната.

За Азија тоа носи поголем ризик од социјална нестабилност, а за државите во Африка како Етиопија и Судан празни маси за илјадници семејства, предупреди украинскиот лидер.

„Иако Русија продолжува да ја гаѓа украинската инфраструктура, вклучувајќи ги пристаништата и сообраќајната логистика, и води брутални борби во регионите клучни за земјоделството, украинските земјоделци и понатаму ги обработуваат полињата“, кажа Зеленски.

Русија денес негираше дека ги блокира украинските бродови со житарки и го обвини Киев за создавање „внатрешен сообраќаен застој“.

„Во моментов 64 брода се вкотвени во украинските пристаништа и во инспекциските зони. Редоследот на нивната инспекција го одредува украинската страна, руските претставници немаат никакво влијание врз тоа“, соопшти министерството за надворешни работи на Русија.

Руската морнарица ги блокираше украинските црноморски пристаништа веднаш по почетокот на конфликтот во февруари минатата година.

Со посредување на Турција и Обединетите нации, минатото лето беше договорен прекин на блокадата за да се ублажи глобалната прехранбена криза. Меѓутоа, руските воени бродови имаат право да проверуваат што носат бродовите.